Владата на Република Македонија на денешната 132 седница, согласно Законот за извршување на Буџетот за 2022 година, донесе Програма за зелен развој со која се утврдени дополнителни 670 милиони денари (10,7 милиони евра) за реализација на проекти од областа на енергетиката, односно за производство и обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија од обновливи извори на енергија за надминување на состојбата со енергетската криза.
На оваа седница Владата го утврди и текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права.
Целта на предложениот закон е пропишување на нормативна основа за воспоставување на ефикасен модел за функционирање на системот на колективното управување со авторското право и сродните права усогласен со Директивата 2014/26/EC на Европската Унија за колективно управување со авторското право и сродните права и мулти-територијално лиценцирање на музички дела за користење преку интернет, во делот на колективното управување.
Со измените и дополнувањата, меѓу другото, уште се врши усогласување со Директивата 2011/77 на ЕУ и со Директивата 2006/116/ЕУ за времетраењето на заштитата на авторското право и сродните права, во однос на заштитата на коавторите на музички дела со текст, како и на времетраењето на заштитата на изведувачите и фонограмските продуценти на снимени музички изведби, односно фонограми од 50 на 70 години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.