Преговорите на претставниците на синдикалните организации и Владата денеска завршија со успешен исход. Од септември ќе добијат зголемување на платите од 10 проценти, исплата на К-15 до крајот на годината, а новата методологија која ќе почне да се применува од март 2025 година, ќе овозможи системско решение за усогласување на платите и ќе го осамости процесот на усогласувањето на платите од влијанието на која било влада во иднина.

Ако имаме во предвид дека платите на голем дел од вработените во јавниот сектор со синдикални активности пораснаа изминатиов период, за нас беше битно тој пораст на платите на вработените од јавниот сектор да не биде анулиран со ова зголемување туку ова зголемување да биде дополнување на тоа зголемување од јануари до септември. Дополнително добро е тоа што утврдивме конечно регрес за годишен одмор. Исправивме една голема неправда кон вработените во јавниот сектор особено во здравството кои немаа добиено ниту еднаш до сега регрес за годишен одмор, истакна претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, по денешната средба со претставниците на Владата.

Тој потенцираше дека за нив е важно тоа што конечно се утврдува методологија со која ниту еден владин функционер повеќе ќе нема право да влијае на начинот на утврдување на платите на вработените во јавниот сектор.

Додаде дека охрабрува тоа што уште во септември нема да има ниту еден вработен на минимална плата, тоа што беше најголема забелешка на вработените во изминатиот период и нагласи дека ќе се обидат тоа да го постигнат и со вработените во приватниот сектор преку преговори со организацијата на работодавачи.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска изјави дека е постигнат договор за потпишување на општиот колективен договор и за сите оние спорни прашања кои со месеци се разговараат со претставниците на синдикатите.

Договоривме дека новата методологија за пресметка на плати за вработените во јавниот сектор ќе започне од март 2025 година. Со септемвриската плата во 2023 ќе биде покачувањето од проценти на платите во јавниот сектор, К-15 до крајот на декември 2023 година во висина од 10.000 денари, а во општиот колективен договор ќе стои одредба за исплатата на К-15 од 2024 година да биде најмалку 30 проценти од висината на просечната плата во изминатата година, објави Тренчевска во изјавата за медиумите по средбата со претставниците на синдикатите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.