Дијалогот меѓу социјалните партнери за раст на минималната плата во државата започна на денешната седница на Економско-социјалниот совет.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска како претседател на Економско-социјалниот совет, пред отворањето на дискусијата се осврна на заложбите на Владата на РСМ, кои се дел и од Програмата на Владата 2022-2024 година, а тоа се раст на минималната плата и вреднување на трудот на работникот.

Како Влада и ресорно министерство надлежно за прашања од областа на трудот, унапредувањето на статусот на работникот е наш приоритет, особено во време на економско-енергетска криза на глобално ниво, од која не сме поштедени ниту ние како држава. Затоа, го отвораме дијалогот, за да најдеме заедничко решение кое ќе одговори на предизвиците со кои сме соочени, рече министерката Тренчевска.

Заменик-претседателот на Владата за економски прашања, Битиќи истакна дека само преку дијалог и отворени дискусии со социјалните партнери ќе се дојде до најдоброто и најодржливо долгорочно решение. Зборуваме за креирање на систем, рече Битиќи, механизам којшто и наредните години ќе осигура дека минималната плата е достоинствена плата.

Претставниците на синдикатите и на работодавачите изнесоа свои предлози за утврдување на минималната плата, за кои ќе се дискутира на следната закажана седница на ЕСС во петок.

Дијалогот останува отворен, затоа што тој е единствениот пат за постигнување на консензус.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.