Во услови на енормен раст на цената на електричната енергија на светските берзи, за заштита од ценовен шок, од 1 јули стартува тарифната реформа за пресметка на цената на струјата, соопштија денеска од владината прес-служба.
Тоа значи, како што посочуваат, еден вид на праведен данок – оние кои што трошат помалку, ќе плаќаат помалку, за разлика од оние кои што трошат повеќе ќе плаќаат повеќе.
Целта е да се поттикне рационално и ефикасно користењето на електричната енергија. Новото праведно тарифирање е резултат на широка транспарентна и јавна експертска дебата со вклучени чинители во енергетскиот сектор, се наведува во владиното соопштение.
Оттаму информираат дека за 98,8 проценти од домаќинствата просечната цена на струјата ќе се зголеми за 7,4 проценти.
Ако не беа воведени блоковите, оваа цена ќе беше зголемена за 17,74 проценти. Евтината тарифа останува од 22 часот до 7 часот наутро, а блок тарифите важат само за скапата струја. Тарифниот систем е правопропорционално димензиониран во корист на потрошувачите, соопштија од Владата.
Како што посочуваат, и во изминатиот период поддршката на Вадата кон ЕСМ да обезбеди цена од 48 евра за мегават час за универзалниот снабдувач за 100 проценти задоволување на потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, овозможи цената на струјата за домаќинствата да не се покачи за 145 проценти, a тоа значи поддршка за секое домаќинство во просек по 3.500 денари на месечно ниво, односно 42.000 денари на годишно ниво.
Доколку ЕСМ ги обезбедуваше законските 60 проценти електричната енергија, другите 40 проценти на слободен пазар, како и загубите на енергетските компании да се на слободен пазар тогаш цената ќе се зголемеше за 153 проценти. Но ЕСМ поради сложената енергетска состојба со која се соочува цела Европа обезбеди 100 проценти струја за домаќинствата. Истата е субвенционирана и е наменета за граѓаните со цел да се заштити стандардот. Државната политика е поставена да се грижи за граѓаните, а не за профит во време на енергетска криза. Наместо ЕСМ да го продава овој вишок на електрична енергија и да книжи профит, ќе биде насочен кон домаќинствата. Ангажирани се сите енергетски капацитети на максимум, се потенцира во соопштението.
Владата и институциите во услови на светска енергетска криза ја нагласуваат неопходноста од рационално користење електрична енергија и штедење. Од Владата посочуваат дека мерките за граѓаните во услови на најголема криза, продолжуваат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.