Се финализираат асфалтерските работи  на тунелот на автопатот Кичево – Охрид, а делови од делницата се ставаат во сообраќај под времен режим како што завршува изградбата. Пробиени се 95 проценти од трасата, а на терен се работи со над 800 работници и околу 400 машини.

Пораки да се запази динамиката и продолжениот рок за изградба на автопатот до крајот на 2023 година  беа упатени при увид на градежните работи на тунелот од премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерите Артан Груби и Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми.

Ковачевски порача дека овој пат мора и ќе добие на динамика и оти во секојдневна комуникација со вклучените институции во процесот на изградбата инсистира тоа да биде приоритет. Завршувањето на автопатот, посочи, е важно за Кичево, Дебарца, Струга, Охрид, Вевчани, за околните населени места кои гравитираат во овој регион, но и за целата  држава.

Свесен сум дека работниците кои го градат овој автопат се соочија со многу предизвици во изминативе години, поради огромни пропусти во самиот проект. Беа потребни години за да се пробијат тунелите под превојот Пресека. Работниците се соочија со многу проблеми во утробата на планината што дополнително ја одолговлечи работата на терен, па плановите за работа мораше да се адаптираат според условите кои што ги налагаа самите услови на терен. И тоа беше само еден сегмент што требаше да се надмине, промашена траса, неусогласеност на проектната документација и состојбата на терен, дислокација на далекуводи, телефонски кабли, водоводни инсталации, индивидуални и стопански објекти, бидејќи беа на самата автопатска траса, изјави Ковачевски.

Десната автопатска лента од Требениште кон Охрид, посочи, е завршена и пуштена за сообраќај под времен режим освен кај Подмоље каде се одвиваат градежните работи за колекторскиот систем.

Министерот за транспорт порача дека автопатот мора да се изгради согласно со договорот со изведувачот.

Средствата ги имаме, нашите тимови ги следат потребите на изведувачот, единствено преостанува силна  изградба на терен. Кога многумина сметаа дека овој проект ќе остане заглавен Владата ги отстрани сите недостатоци и продолжи изградбата. Свесни сме за потребата од итно завршување на оваа делница. Поддршката од премиерот и од Владата е огромна и во таа насока со засилена динамика продолжуваме и во зимската сезона, изјави Бочварски.

Истакна дека е минато проблемот со тунелот и оти таму сега се финализираат асфалтерските работи и другите придружни елементи на електричната и хидрантската мрежа. Делови од автопатската делница, посочи министерот,  ги ставаме во сообраќај под времен режим како што ги завршуваме и со тоа темпо ќе продолжиме и во следниот период.

Соред директорот на ЈПДП  Ејуп Рустеми,  Кичево – Охрид ќе биде најсовремениот тунел изграден по европски и светски стандарди. Тунелот има две цевки, чии коловози се со ширина од по 7,50 метри и четири попречни премини, од кои едниот е за возила, а останатите три се за пешаци. Вкупната должина на десната цевка на тунелот е 1994,5 метри, а на левата 2015,5 метри, или вкупно 4010 метри.

Завршени се целосно примарната и секундарната конструкција, а се работи на изработка на тампонски слој и БНС 32, на електричната инсталација и хидрантската мрежа. Останува да се изработи уште вентилацискиот систем, противпожарна заштита, системи за детекција на опасни гасови, видео надзор, променлива сообраќајна сигнализација, изградба на команден центар, рече Рустеми.

Автопатот Кичево–Охрид се состои од пет подделници, со вкупна должина од 57 киометри и предвидена вредност од 598 милиони евра

Изградбата на автопатот  стартуваше во 2014 година во мандатот на претходната Влада. Требаше да биде готов до 2018 година, но по промената на власта, според образложението на надлежните институции, поради пропусти во проектирањето, со анекс на Договорот рокот беше продолжен  до 30 јуни 2021. И тој рок беше продолжен до крајот на следната година, исто така со анекс на Договорот, во вредност од 598 милиони евра. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.