Обврзници со вкупна вредност од 92 милиони долари се откриени и запленети од царински службеници на царинската испостава Аеродром Скопје по извршена контрола на странски патник кој на 28 јули годинава пристигнал во државава со лет од Истанбул. Денеска со пресуда на Основниот суд Скопје обврзниците се одземени, а на лицето му е изречена парична казна – глоба врз основа на Законот за девизно работење.
Ова го истакна директорот на Царинската управа, Стефан Богоев, на денешната вонредна прес-конференција на која информираше за случајот.
„Царинските службеници од царинската испостава Аеродром Скопје, на ден 28.7.2023 година, на влез во државата, запленија 184 физички преносливи средства за плаќање – обврзници, со поединечна номинална вредност од 500 илјади долари или со вкупна вредност од 92 милиони долари. Обврзниците се пронајдени кај патник – турски државјанин кој пристигнал со редовен лет од Истанбул и се определил да помине на зелен канал, односно дека нема стока за пријавување, а при контрола со скенер и дополнителна детална контрола, истите се пронајдени во 4 папки во црна рачна торба“, истакна Богоев.
Секторот за контрола и истраги, информира Богоев, веднаш започнал со истражни дејствија, односно извршени се службени разговори, прибирање на дополнителни докази, како и известување и консултации со релевантни национални и меѓународни институции, вклучително Интерпол и СЕЛЕК. Обврзниците, согласно пресудата на Основниот суд Скопје се одземени и ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.
Царинската управа отвора финансиска истрага во соработка со сите релевантни тела и институции на национално и меѓународно ниво, со цел расветлување на случајот во насока на: докажување на евентуален обид за измама или спречување на перење на пари.
„На случајот пристапуваме со особено внимание и посветеност, земајќи го предвид постоечкиот тренд во светот на злоупотреба на обврзниците како инструмент за перење пари. Царинската управа во рамки на своите приоритети за заштита на општеството и безбедноста на граѓаните е цврсто посветена на борбата против криминалот и спречувањето на нелегалната трговија“, нагласи Богоев, изразувајќи голема благодарност до царинските службеници за нивната професионалност и посветеност на овој случај кој резултираше со ваква рекордна заплена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.