Вработените во Царинската управата ја искористија полчасовната пауза за протест пред главната зграда на Царина и побараа да им се исплати додатокот на плата од 30%, кој  им следува, а никогаш не го добиле.

Трпе Деаноски од УПОЗ вели дека револтот кај вработените во целата државна администрација е огромен, а доколку не наидат на слух кај надлежните, ќе ги радикализираат протестите.

Министерството и сите органи добија додаток на плата од 30%. Иако и Царина е под капа на Финансии, одговорот беше негативен. Ова барање не е посебно и не е поврзано со колективниот договор, а методологијата која ја понудија не е прифатлива. Наше барање е праведно, правично и законски издржано. Не бараме преку леб погача, го бараме само она што ни следува, изјави првиот човек на УПОЗ.

На протестот се појави и новиот директорСтефан Богоев, кој рече дека не може да вети решение, но како новоназначен, побара повеќе време да се запознае со проблемите и најави дека ќе бара средба и со министерот за финансии.

Ја сум неполни 24 часа на позицијата, излегов да поканам претставници на синдикатот да дојдат и да ми ги кажат детално барањата кои ги имаат. Потоа ќе разговараме во координација со УЈП и со Министерството за финансии. Во моментов не можам да ветам ниту да кажам ништо, мислам дека е логично и барам да ми се даде некое време да се запознаам со деталите, изјави новиот директор на Царина.

По протестот Богоев одржа работна средба со претставници на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) и Независниот синдикат на Царинската управа. О

На средбата беше запознаен со барањата на синдикатите, кои првенствено се однесуваат на обезбедување на додаток на платите на вработените, согласно Законот за Царинска управа и Колективниот договор.

Богоев истакна дека ги почитува правата на вработените, кои се регулирани со соодветни закони или колективни договори. Ги извести дека закажал средба со министерот за финансии. Дополнително, Богоев информираше дека е планирана консултативна средба и со директорката на Управата за јавни приходи, како и интерни средби со раководителите во Царинската управа за подетално запознавање со можностите за изнаоѓање на решение за поставените барања, и најави дека по одржаните средби ќе продолжи соработката со синдикатите.

Истакнато беше дека неодамна е потпишан нов Колективен договор на Царинската управа во координација со двата синдикати, со кој на вработените им се овозможи усогласување со минималната плата, надоместок за домашно дежурство, платено осигурување, зголемување на бројот на денови за годишен одмор и други поволности.

Освен Царина, по два часа во денот со истото барање денеска протестираат вработените и во УЈП. Вратите за странки се затворени од 10 до 12 часот. Тие веќе најавија дека се подготвуваат за генерален штрајк, кој според нив ќе значи колапс на државата.

Инаку револтот во овие две институции следи откако Бесими им исплати 30% додаток на плата само на вработените во неговите редови, а не и во УЈП и Царина иако и тие се под капа на ова министерство.

Бесими им порача дека додека не се донесе методологијата за раст на платите, ниедна институција да не очекува поединечно решение.

На синдикатите им понуди основица за пресметка на примањата да биде просечната плата, но дури од 2028 година. Оваа понуда синдикатите веќе ја одбија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.