Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денес се обрати на годишната конференција „Преминот помеѓу постоечкото и новото работно законодавство во Македонија – премногу рано или премногу доцна за нов закон за работните односи?“ во организација на Здружението за трудово и социјално право на Македонија, а со поддршката на Меѓународната организација на трудот. Поздравно се обратија и деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј”, Сашо Георгиевски, Претседателот на Здружението за трудово и социјално право на Македонија, Тодор Каламатиев, Потпретседателот на Здружението за трудово и социјално право на Македонија, Александар Ристовски и националниот координатор на Меѓународната организација на трудот во Македонија, Емил Крстановски.
„Добри работни односи се оние каде што има баланс на силите во работниот однос, каде постојано се подобрува односот работник – работодавач, што од друга страна води кон помалку несогласувања меѓу нив. Тоа се односи во кои работниците се задоволни и за што имаат правична и пристојна плата, а работното место им е безбедно. Постоењето на јасни правила помеѓу двете страни и нивното почитување, придонесува секоја компанија да може да создаде продуктивна работна средина која го поттикнува деловниот раст“ рече Тренчевска.
Министерката се осврна на подготовката на новиот Закон за работни односи и истакна дека процесот на изработка беше целосно инклузивен затоа што беа вклучени сите оние кои можат да дадат придонес во обликувањето на законот и неговата содржина.
„Тргнувајќи од значењето на двете страни на работниот однос во конципирањето на правилата на работниот однос, сепак главни партнери ни беа претставниците на синдикатите и здруженијата на работодавачите. Ова значеше издигање на трипартитниот дијалог, односно социјалниот дијалог на национално ниво, на многу висока позиција. Покажавме дека сакаме да го слушнеме гласот на работниците, бизнис заедницата, но и на граѓанските организации, претставниците на судовите и на академската заедница“ посочи министерката Тренчевска.
Министерката своето обраќање го заокружи со својот одговор на прашањето кое го носи името на конференцијата и посочи дека секогаш е вистинско време за носење на Закон кој ќе биде во согласност со промените во трудовата област, кој ќе биде добра основа за понатамошно унапредување на односите помеѓу работниците и работодавачите, за зголемување на продуктивноста на трудот и креирање на нови работни места.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.