Дирекцијата за ТИРЗ објави отворена постапка за доделување на локации во пет различни технолошко индустриски развојни зони за изградба и поставување соларни централи. Склучување на јавно-приватно партнерство за проектирање, изградба, стопанисување и финансирање на овие централи е предвидено во ТИРЗ Скопје 1 и Скопје 2, ТИРЗ Штип, ТИРЗ Струмица, ТИРЗ Прилеп и ТИРЗ Струга.

Со ова целта е да се искористи дел од земјиштето во склоп на зоните кое во изминативе години, а во некои случаи повеќе од 15г. , е неискористено. Во најголем дел станува збор за парцели кои не се погодни за изградба на производствени капацитети. Со ова ТИРЗ сака да придонесе кон зајакнување на енергетските капацитети на државата како и на забрзување на транзицијата кон економија базирана на зелена енергија што е глобален тренд, се наведува во денешното соопштение од ТИРЗ.

Согласно изработената студија на изводливост, како што се посочува во соопштението, се очекуваат инвестиции од 40 милиони евра и максимален инсталиран капацитет од 50 мегавати. Постапката е деллива што отвора можност да инвестираат повеќе компании. На повикот важат исти услови за инвестирање и за домашни и за странски компании.

Државата ќе добие процент од приходите на секоја од компаниите што ќе инвестира, а предвиден е и дополнителен фиксен надомест за земјиштето. Договорите ќе бидат склучени на 25 години, а според проценките во Студијата која ја изработи реномираната меѓународна ревизорска куќа Грант Торнтон, само фиксниот надомест за овој период е проектиран на 14 милиони евра. Овие средства ќе бидат наменети за покривање на трошоците за подготовка на самото земјиште во Зоните, како и за други инфраструктурни зафати со цел побрза и поуспешна реализација на овие инвестициски проекти. Дел од приходите ќе се користат и за финансирање на други тековни иницијативи на ТИРЗ за поддршка за млади, информираат од ТИРЗ.

Повикот е отворен 35 дена и е објавен на следниот линк: https://e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie/481b0066-7c8e-4e63-ae81-8e1442c487d6/1



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.