Теглите за зимница, годинава останаа празни, порачаа денеска штипските пензионери, кои протестираа на Градскиот плоштад „Слобода“. Пензионерите велат дека толку можеле да направат со покачувањето на пензиите кое го добија во септември.

Соња Арсовска претседателка на Иницијативниот одбор за протест на пензионерите во Штип вели за нив, оваа зима ќе останат празни тегли, но во владиното бифе појадок, ручек и вечера се добива за 250 денари.

-Ова ли е едно општество за сите кога во рацете држиме празни тегли? А зошто? Затоа што со покачувањето од 5,3 отсто на пензиите не можевме да направиме зимница. Госпоѓо Тренчевска по допрен глас слушаме дека ќе имаме зимска помош. Можеби, се однесува на некое новогодишно пакетче кое ќе содржи шал, ракавици и капичка. Ние сме децидни, ви бараме линеарно од 5.000 денари и минимална пензија од 18.000 денари, вели Арсовска.

На денешниот протест побараа оставка и од претседателката на Здружението на пензионери, а посочија дека со барањата нема да запрат, туку протестите ќе ги радикализираат со блокирање улици и патишта.

Пензионерите од цела држава на 7 ноември ќе одржат генерален протест во Скопје, на пет места, пред странските амбасади. На следниот состанок на иницијативните одбори во Свети Николе, ќе се одлучува по градови, кои пензионери каде ќе протестираат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.