Светска банка ќе обезбеди заем во вредност од 93,8 милиони евра за Македонија, со цел зајакнување на фискалната позиција и финансискиот сектор во земјата, како и поддржување на нејзината зелена транзиција.

Како што соопштија од Светската банка, новото финансирање во рамките на Операцијата за развојна политика на одржливост и отпорност на Македонија, одобрена од страна на Бордот на директори на Светска банка, е во согласност со макроекономските приоритети на земјава, според Фискалната стратегија 2024-2028 и Програмата за економски реформи 2023-2025 на Владата.

Македонија, како и други земји во Европа, се соочува со континуирани инфлаторни притисоци, што ги оптоварува јавните финансии во услови на монетарно затегање и зголемени трошоци за задолжување. Со оваа поддршка, наша цел е да обезбедиме брзи финансиски средства за зајакнување на фискалната одржливост, истовремено поддржувајќи ги неопходните климатски реформи и енергетската транзиција на земјата, вели Масимилиано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светка банка за Македонија и Косово.

Новата операција на Светска банка ги поддржува напорите за намалување на зависноста од фосилни горива на Македонија преку подобрена енергетска ефикасност во јавниот сектор, зголемени инвестиции во обновливи извори на енергија и подобро собирање на податоци во врска со изложеноста на банкарскиот сектор на климатските ризици.

Во соопштението се посочува дека реформите може да ѝ помогнат на земјата во привлекување на околу 45 милиони евра приватни инвестиции за обновлива енергија, вклучително и инсталација на соларни панели, до 2026 година.

-Соработувавме заедно со меѓународните партнери за да се осигуриме дека нашата поддршка на политики и техничка помош се комплементарни и усогласени со агендата за пристапување кон Европската унија. Се надеваме дека оваа соработка ќе ја зајакне посветеноста на Владата за реформи во здрави макроекономски политики и стабилност на финансискиот сектор, навела Сања Маџаревиќ Шујстер, виш економист за Западен Балкан при Светска банка.

Заемот од Светска банка се состои од единечна транша за повлекување од 93,8 милиони евра со рок на доспевање од 11 години, вклучувајќи 4,5 години грејс период, стои во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.