Едни гледаат воено профитерство, други бонбона-бизнис, трети гледаат во сонцето, а четврти штедат и преплаќаат. Вака некако во кратки црти може да се срочи новата бизнис атракција во Македонија – струја од сонцето.

Како и да се заврти, сончогледот гледа во сонцето, исто како и македонските бизнис-политичари. Кога стана премиер, струмичкиот “бог од Сонцето” Зоран Заев се обиде да го извлече максимумот од марихуаната, на која македонското сонце одлично ѝ одговара. Со легализација на медицинскиот канабис владата во заминување на Никола Груевски им ги отвори видиците и апетитите (главно) на струмичките бизнисмени, па наместо од чушки, имиџот на богови на земјата продолжија да го градат богатејќи се од канабис. Четири години подоцна, на полињата со марихуана никнуваат сончеви панели. Македонското сонце несомнено ѝ овозможува одлични услови на Македонија да се вброи меѓу земјите поволни за одгледување “зелени бизниси”.

Во екот на енергетската криза, во време кога струјата е и од злато поскапа, а народот осиромашува штедејќи, можност за профит видоа македонските бизнис-политичари и нивните сопруги, синови, ќерки, браќа, татковци, кумови и кумашини… некои од нив сонцето го завртија на друга воденица, па семејните бизниси од полиња со марихуана ги трансформираа во панелни полиња.

Заеви: Вице Заев, Душко Заев и Панче Заев

За Заеви нема криза и тогаш кога е светска криза. Неприкосновените одгледувачи на канабис веќе се престроија и џебовите ги полнат од сончева енергија. Некои деца  навистина се родени под среќна ѕвезда. Најмалиот од Заеви, за 18-годишниот роденден од родителите доби фабрика.  Со влезот во светот на возрасните малиот Душко стана бизнисмен.

Тотал Енерџи, фирмата чиј сопственик е 18-годишниот син на Зоран, Душко Заев, ќе продава струја произведена од фотонапонски панели.

Едвај полнолетниот Душко не е осамен во новиот семеен бизнис. Искуства ќе разменува со својот чичко Вице Заев и со дедо си Панче. Братот на поранешниот премиер Зоран Заев стана управител на новоформирана компанија за производство на електрична енергија регистрирана изминатиот период – Солар Грин Енерџи. Претпријатието е со адреса на улица Гоце Делчев во Струмица, а сопственик е Панче Заев, таткото на Вице Заев и на поранешниот премиер. Паричниот влог е 5.000 евра, а дејноста е „производство на електрична енергија“.

Не е тешко да се заклучи дека Заеви силно ја намирисаа струјата.

Ковачевски, кумовите Кирил и Горан Паунови, Тунџеви

Со истиот бизнис-њух е и семејството Ковачевски. Можноста да извлече максимум од енергетската криза не ја пропушти ниту Елена Ковачевска, сопругата на актуелниот премиер. Сопругата на премиерот Димитар Ковачевски е сосопственик во компанијата „Сол груп 5 ДОО Скопје“, која планира да гради соларна електрана.

Таа пак, влегува во бизнисот со струја во одбрано друштво. Покрај Елена Ковачевска и Димитар Тренчев, сопственик на парцелите каде што ќе се гради електраната, како сопственик се појавува и Кирил Паунов, син на кумот на Ковачевски Горан Паунов, кој е заведен и како управител на компанијата. Во низата сопственици е и името на Светлана Тунџева, која е сопруга на директорот на Агенцијата за катастар за недвижности, Борис Тунџев.

Фирмата „Сол 5” на Елена Ковачевска е отворена во октомври 2020 година, еден месец откако нејзиниот сопруг беше предложен за заменик-министер за финансии. Ковачевски со својот кум Горанчо Паунов ја основа фирмата „Пиксел груп“ за производство на соларни панели.

Во фирмата на Ковачевска, за изградба на фотонапонската електрана е предвидено да се вградат фотонапонски модули од контроверзната фирма „Пиксел гроуп“. Токму „Пиксел гроуп“ на кумот на Ковачевски, во ек на криза, изминатиов период доби државна помош од Владата на Ковачевски во износ од неверојатни 443.285 евра!

Кумашините на Зоран Заев Митрови – Горан Г’на и Љупка

И кумашинот на поранешниот премиер Зоран Заев, Горан Митров – Г’на, влезе во бизнисот со електрична енергија. Струмичкиот бизнисмен ја регистрирал компанијата „Грин Енерџи Гна“ во Сушица, Општина Ново Село. Во октомври Г’на започна бизнис со млеко, а истовремено формираше и фабрика за одгледување канабис, исто така во Сушица.

За управител на новата фирма за струја, пак, е поставена неговата ќерка, некогашната инфлуенсерка Љупка Митрова.

Бизнис-партнерите на Заев – синот Горан Крстев и таткото Симеон Крстев

Познатите струмички бизнисмени синот Горан Крстев и таткото Симеон Крстев во почетокот на минатата година влегоа во бизнисот со електрична енергија. Горан Крстев е еден од двајцата основачи на Солар ЦД во Царев Двор.

Симеон Крстев, татко на Горан Крстев, е управител на компаниите Енерџи Холдинг и Центрохелиум. И двете друштва се со дејност производство на електрична енергија.

Горан Крстев е близок соработник и бизнис-партнер на семејството Заеви. Крстев и неговиот татко Симеон Крстев поседуваат удели во компании, кои се доведуваат во врска со Заеви и други нивни соработници.

Вицепремиерот за економски прашања во првата влада на Заев Кочо Анѓушев со РЕС и ФЕЦ „Тркање“

Јас самиот и со партнери сум сопственик на капацитети за производство на електрична енергија. Околу 20 хидроцентрали, фотоволтаична електрана, биогасна електрана, вкупно производни капацитети со инсталирана моќност од 36 мегавати. Со 36 мегавати сме мали, а амбицијата ни е да бидеме многу поголеми. Затоа го направив партнерството со Реналфа групацијата, која околу 400 мегавати инсталирана моќност. Произведената струја, преку компанијата РЕС (Reneweble Energy Supply), во форма на зелена енергија ќе оди до домашните компании по фиксни цени, ќе рече велешкиот трговец со струја Кочо Анѓушев во едно интервју.

 

Анѓушев не е нов играч во бизнисот со струја, но вреди да се спомене во годината што измина. Освен што со РЕС воведува нов концепт на македонскиот енергетски пазар, Анѓушев почна со производство и на електрична енергија од околу 15.100 мегават часови, што покрива годишна потрошувачка на град со 15.000 жители. Неговата „Централ инвест“ почна со производство од нова фотоволтаична електроцентрала со инсталирана моќност од осум мегавати, во близина на Кочани, ФЕЦ Тркање. Електраната е во сопственост на фирмата „Централ Инвест“, а е целосно проектирана и изведена од фирмите во рамките на Феро Инвест.

Сопартиецот на Зоран Заев од Ново Село Драган Ѓорѓиев

Поранешниот пратеник на СДСМ Драган Ѓорѓиев од Ново Село во чекор со „синергијата со ЕУ“ за три месеци регистрира три компании за производство на електрична енергија. Ѓорѓиев е сосопственик во „Пелагонија Солар“ со седиште во Карпош, во „ДГД Електроволт“ регистрирана во Струмица, а во „Грин Енерџи Груп“ со седиште во Битола се јавува како еден од двајцата управители.

Во 2020 година опозицијата го посочи Ѓорѓиев како еден од сопствениците на дивоградба фабрика за масло од канабис во Босилово. Фабриката на Ѓоргиев, според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, била легализирана со амин на поранешниот премиер Зоран Заев.

„Покажавме оти сме во синергија со Европската Унија, држејќи ја зелената агенда високо на приоритетната листа“. Оваа мудра мисла на вицепремиерот Бојан Маричиќ ќе ја искористиме да ги спомнеме и оние кои се во синергија со доходовниот бизнис уште многу одамна.

МПЦ-ОА влезе во бизнисот со струја во 2020 година преку малите хидроцентрали.

Синот на Муса Џафери од ДУИ е сосопственик на компанијата за трговија и снабдување со електрична енергија У-Повер.

Во јавноста се прослави по ќотекот што му го удри на директорот на РКЕ, Марко Бислимоски во Дебар Маало.

За време на владите на Заев Џафери ги снабдува со струја општина Аеродром, УЈП, град Скопје, МЕПСО…

Ќе завршиме со изјавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски: Не го прават тоа (да се отворат нови копови во ТЕЦ „Осломеј“, н.з.) затоа што главен увозник на струја е фирмата на поранешниот вицепремиер за економски прашања (Кочо Анѓушев, н.з.), второ син му на Зоран Заев отвори фирма за трговија со струја и трето нема позначаен функционер во оваа влада кој не е во трговија со струја, фотоволтаици или ветерници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.