Македонија е најсончевата земја во Европа, а македонските олихарси во и околу власта умешно го вртат спечалот околу сонцето.

Истражувачката сторија на ИРЛ „Кај ми е сонцето“, објавена денеска, открива како поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски преку физибилити студија го врти македонското сонце кон џебот на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.

Во време на глобална енергетска криза, Македонија како ретко која земја има голема предност – сонцето. ЕСМ е фирма на граѓаните. Таа за нас би можеле да прави струја од сонцето. Има и искуство и капацитети, а прашањето на енергетика се смета за безбедносно прашање за сите членки на НАТО. Но, државното сонце отиде на продажба. 

Наместо ЕСМ, поранешниот вицепремиер Анѓушев ќе добие дел од македонското сонце, на третина век. ИРЛ првпат открива дека сето ова не би било можно без физибилити студијата на поранешниот генерален секретар Драги Рашковски. Нарачал и платил документ што дал проценка дека приватници треба да ја реформираат државната компанија ТЕЦ „Осломеј“ во сончев генератор на струја, а не ЕСМ. Студијата се работела заедно со тимот на Анѓушев. Откако си даде оставка од позицијата вицепремиер за економија, тој стана партнер во „Осломеј“. 

Термоелектроцентралата „Осломеј“ во Кичево е еден од најголемите загадувачи на воздухот.

Плановите за „Осломеј“ се преродба на термоелектроцентралата во извор на зелена обновлива енергија добиена од сонцето. Идејата и не е така стара. Се зародува во 2019 година, кога вицепремиер за економски прашања е Кочо Анѓушев. Визијата за трансформација на кичевскиот загадувач во сончева фарма ја реализира тогашниот генерален секретар во Владата Драги Рашковски, преку кого оди нарачката и изработката на физибилити студија за ТЕЦ „Осломеј“ – објект под надлежност на Електрани на Македонија (ЕСМ), пишува ИРЛ.

Физибилити студија по мерка на корисникот 

Употребната вредност на сонцето во ТЕЦ „Осломеј“ е измерена во физибилити студија со работен наслов „Фотоволтаична централа Осломеј“. На повеќе од 100 страници авторите д-р Александар Дединец, научен соработник во МАНУ, и Дарко Јаневски, правен експерт во Друштвото за консултантски услуги АЦТ ДОО Скопје, објаснуваат зошто државата треба да се заортачи со приватни фирми за да изгради две фотоволтаични централи од по 50 MWh. Физибилити студијата за ТЕЦ „Осломеј“ ја нарачал тогашниот генсек на Владата Драги Рашковски за потребите на ЕСМ. Вицепремиер е Кочо Анѓушев. Документот за оправданост за ЈПП што го обезбеди ИРЛ покажува учество на кабинетот на тогашниот вицепремиер во тогаш само идејата – ТЕЦ „Осломеј“ од место за согорување јаглен и јаловиште да прерасне во сончева долина.

Физибилити студијата за ТЕЦ „Осломеј“ открива дека улогата на Кочо Анѓушев во реализацијата на приватните фотоволтаични централи на државно земјиште воопшто не била спорадична. Тогашната заложба на вториот човек во Владата да се искористат сончевите зраци, а „опасниот загадувач“ близу Кичево да се трансформира во извор на обновлива енергија за производство на струја денес е реалност. Веќе се избрани две компании – бугарската „Соларпро“ и турската „Фортис енергетика“. Треба да функционираат како две посебни постројки, секоја со моќност од по 50 мегават-часа.

Текстот во физибилити студијата открива дека кабинетот на Кочо Анѓушев учествувал во изработката на документот. Откако експертите утврдиле дека е потребно јавно-приватно партнерство, а не да инвестира самата компанија ЕСМ во фотоволтаици, поранешниот заменик-премиер станува еден од газдите и управител на компанијата која следните 35 години ќе биде партнер со државата во експлоатација на сонцето за профит.


Целиот текст на ИРЛ ТУКА


За потсетување, бизнис ориентираната власт во времето на струмичкиот бизнисмен Зоран Заев, во чијашто влада вицепремеир беше велешкио бизнисмен Кочо Анѓушев, се обиде да го извлече максимумот од марихуаната, на која македонското сонце одлично ѝ одговара.

Во време на криза за енергенси, пак, неприкосновените одледувачи на марихуана, Заеви, повторно се вртат кон сонцето и влегуваат во бизнис со струја. Овојпат сонцето ќе му ги полни џебовите на 18-годишниот Душко Заев, кој влегувајќи со полнолестството влезе и во производството на струја од фотоволтаици.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.