Јавното обвинителство мора да одговори: Дали зад легализацијата на една фабрика среде нива, во атарот на село Петралинци, општина Босилово, се крие злосторничко здружување со една цел – избегнување на вадење на сите потребни документи, за кои што треба време, за да се стигне на време за да се добие лиценца за нарко бизнис, откри денеска нов скандал Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Како е можно, среде ниви, среде земјоделско земјиште да никне огромна дивоградба – цела фабрика за масло од канабис, а градоначалникот, локалниот совет, урбанистичкиот сектор на рурална општина, за тоа да не знаат? Како е можно геодет да издаде елаборат потребен за легализација ама на непостоечки објект?  Како е можно врз основа на тој елаборат во најголема брзина градоначалникот да легализира дивоградба, праша денеска Стоилковски.

Тој обелодени ги обелодени сопствениците на дивоградбата, а рече дека Зоран Заев е творецот и заштитник на нелегалното и криминалното лагализирање.

Сосопственици на дивоградбата се поранешниот пратеник на СДСМ- Драган Ѓорѓиев и партискиот поддржувач Атанас Јанушев, двајцата од Ново Село; градоначалникот на Босилово е Зоран Зимбаков кадар на СДСМ; претседател на Советот на Босилово е Ѓорѓи Аризанов, експретседател на ОО СДСМ во Босилово; геодетот кој што изработил елаборат е Сребре Нечовски- експретседател на ОО СДСМ  Могила; тој што го воведе нарко-бизнисот во Македонија за што Ѓоргиев експратеникот доби лиценци е Зоран Заев, открива Стоилковски.

Сумирајќи ги фактите со датуми, Стоилковски открива дека кон крајот на февруари 2018 е купена нива земјоделско земјиште од трета категорија; битолска фирма почнува геодетски мерења потребни за легализација; барањето за легализација наводно е поднесено на 16 април 2016 година; сосопствениците потпишуваат и даваат изјави дека дивоградбата е градена 2010 година, а дека двајцата поднеле барање за легализација во 2016 година, две години пред воопшто да бидат сопственици на имотот; на 15 мај 2018 година е издаден елаборатот со сите премери, нацрти и детален опис.

Стоилковски продолжува: На 31 мај 2018 Советот носи одлука за легализација. На 1 јуни 2018 градоначалникот потпишува и издава решение за легализација. И истиот тој 1 јуни, експратеникот Ѓоргиев и ортакот Јанушев сега легалната дивоградба заедно со 22.000 метри квадратни земјоделско земјиште, создадено со окрупнување со околните парцели, го издаваат на компанијата чии што сосопственици се двајцата, и каде што фактички започнува фабриката за марихуана.

И тоа фирма која што двајцата ја регистрираат на 16 април 2018 година, односно еден месец пред да го добијат елаборатот. Фирмата „Канабис про“, која е на двајцата сосопственици на објектот и која е во првите кои во април 2019 добива лиценци за работа во нарко бизнисот.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ презентираше сателитски снимки од 2018 година покажуваат дека легализираниот ообјект, сега фабрика, не постоел во периодот на негова легализација.

Според сателитските снимки, по купувањето на нивата, почнато е со расчистување на нивата, со расчистување на теренот во март 2018 година. На 23 февруари, кога е направен купопродажниот договор не постои никаков објект. Не е изграден во 2010, ниту бил продаден, односно купен имот нива сообјект. Тој целосно се појавува дури во март/април 2019 година, вели Стоилковски.

Постои можност за злосторничко здружување – урбанистички сектор на мафијата во кои се вклучени блиски на Заев, експратеници на СДСМ, советничка група на СДСМ, општински урбанисти, градоначалник, класичен криминал и мафијашко однесување.

 

Постои можност за двојно книговодство, за чувани бројчиња во архивските книги за легализација на непостоечки објекти. Барање за легализација поднесено од 2016 година, кога воопшто барателите не го поседувале имотот и со кој што се стекнуваат дури две години подоцна.

Постои можност на ваков начин, преку криминална легализација да се изиграни повеќе закони. Прво Законот за градење во земјоделско земјиште, имајќи предвид  дека станува збор за нива од трета категорија. Второ Законот за легализација на дивоградби кој што прецизира и опфаќа градби до 3 март 2011 година.

Постои сериозна можност и индиција за злоупотреба на службената положба и овластување на геодетското биро од Битола, за можна изработка на елаборат за легализација на непостоечки и неизграден објект.

Постои сериозна можност и индиција за злоупотреба на службената положба и овластување од страна на општинските урбанисти, советници  и секако градоначалникот на Босилово Зимбаков.

И секако постои сериозна индиција за постоење злосторничко здружување за изигрување на законите, нанесување штета на буџетот, со цел остварување на профит.

Јавното Обвинителство за организиран криминал мора да поведе истрага, по допрен глас. Јавната бвинителка за организиран криминал Вилма Русковска не смее да остане глува на оваа прес конференција. Бараме отворање на истрага веднаш, рече Стоилковски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.