Со инвестицискиот бум во изградбата на соларни централи за производство на струја, кои произведуваат само додека има сонце, може да дојде до ситуација во исто време да се произведе многу повеќе струја од потребното, па нејзината цена во одредени периоди да биде речиси нула, објави Радио слободна Европа.

Тоа е една од причините што се отвори дебатата за враќањето на денската евтина струја за граѓаните, која беше укината на почетокот на 2022 година, поради енергетската криза.

Пред десетина дена, министерот за економија Крешник Бектеши, а потоа и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски најавија дека се прават анализи дали е возможно од економска гледна точка да се врати евтината струја во текот на денот.

Според Бислимоски предвид се земаат три работи:

– колкаво ќе биде производството на државниот производител ЕСМ,

– бројот на изградени фотоволтаици и

– цената на струјата кога фотоволтаиците произведуваат.

Одлуката треба да биде донесена до 1 јули.

Во периодот кога произведуваат фотоволтаиците, цената на електрична енергија на берзите паѓа. Како ќе се градат сè повеќе и повеќе фотоволтаици, а ќе се градат, ние ќе имаме периоди кога е можно, во летен период, да имаме и цени коишто ќе бидат блиску до нула, а можно е да имаме и цени коишто ќе бидат негативни“, изјави Бислимоски во интервју за ТВ 24.

На дистрибутивна мрежа веќе се приклучени околу 180 мегавати фотонапонски централи по сите основи, а издадени се согласности за околу 300 мегавати и овој број се зголемува, велат во компанијата ЕВН, дистрибутер и снабдувач со струја за граѓаните и малите фирми.

Најголем дел од овие централи се изградени од фирми за сопствени потреби, а дел имаат ставено и граѓаните за лична употреба. Со тоа што произведуваат за себе, ја намалуваат побарувачката, а вишоците ги продаваат, па струјата за другите може да поевтини.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.