Полски тур оператори ги откажале аранжманите за летување во Македонија, а холандски туристи го одложиле доаѓањето во земјва за еден месец, информира претседателот на Здружението на хотелиерски и угостителски бизниси ХОТАМ, Крсте Блажески. Тој вели дека споредбено со годините пред пандемијата, за најмалку 50 отсто се намалени посетите на странски гости во Охридско-струшкиот регион.
Блажески очекува уште една тешка година за македонскиот туризам.
Странските гости нема да ги имаме во толкав број само поради ситуацијата во Украина. Веќе имаме намалување на бројот на туристи од Полска, а гостите од Холандија кои требаше да ги почнат аранжманите на 1 мај, ги откажаа за во јуни. За други странски гости и кружни тури, евентуално една тура може да има од Турција, но генерално ќе биде тешка година, вели Блажески во разговор за НоваТВ.
Според него, бројот на домашни и регионални туристи ќе се намали и поради економската криза, растот на цените и инфлацијата.
Со растот на цените се намалува куповната моќ на граѓаните, а тоа пак ја намалува и можноста за уплата на аранжмани во хотелите. Економската криза покажува дека секојдневно се соочуваме со поскапувања на разни производи и едноставно не остануваат средства за одмори. Туристите, посебно од државите на Балканот, ќе се свртат кон малку поефтини одмори, пред се во приватно сместување“, вели Блажески.
Хотелиерите не кријат дека цените за хотелско сместување годинава ќе се покачат за најмалку 20 проценти. Новите пресметки, велат, ќе се должат на зголемените цени за електрична енергија, покачувањето на нафтата и зголемувањето на цените на прехранбените производи, кои секако влијаат на трошоците кои на крајот на денот ги имаат хотелиерите.
Со договорите кои ги имаме, во последната година цената на енергијата е поскапена од 50 па дури до 100 проценти. Основните продукти за прехрана се исто така поскапени за 50-тина отсто, платите за вработените се веќе покачени, па сето ова ќе предизвика и раст на цената за хотелско сместување најмалку за 20 до 30 проценти и не само кај нас, ваквата практика ќе биде секаде иста“, вели Блажески.
Дејноста е на колена, тврди Блажески и додава дека во вкупно 30 месеци во корона пандемија, секторот туризам во Македонија имал едвај шест до седум работни месеци. Најголемиот дел од времето капацитетите беа затворени или работеа под строги рестрикции. За помош од државата не се надеваат.
Доставивме барање до Владата, за финансиска помош уште пред Нова година, но до сега имаме добиено само одговор дека нашето барање се разгледува. Значи за 20 месеци ние имавме само трошоци. Помошта што ја добивме од државата, во вид на некои антиковид мерки, на дел од хотелиерите им беше побарана назад со образложение дека не инвестирале во дејноста“, додава Блажески и вели оти после уште една економски тешка година во најмала рака ќе има отпуштање на работници во туристичката дејност.
ХОТАМ веќе доставиле до Владата и листа на достапни објекти за прием на бегалци од Украина во охридско-струшкиот регион. На располагање се 30 отсто од капацитетите или близу 3000 хотелски соби со 5000 до 6000 легла. Заедно со приватните сместувачки капацитети понудиле сместување за подолг престој за околу 10.000 украински бегалци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.