Изјавата на Артан Груби дека оној кој ќе направи криминал за проекти како за коридорите ќе лежи во затвор доживотно, значи дека или глуми чесен или е изигрување со македонскиот народ, а тој е само синоним за лага и криминал, рече Дафина Стојаноска, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на денешното гостување во програмата на Македонско радио, Радио Скопје.
Според Стојаноска тоа што го прави Груби кога станува збор за коридорите 8 и 10д е само персонализирање како само тој да е заслужен.
„И ние сме за коридорите, но сме против криминалот кој го прават лицата од власта. Не може Груби да си го персонализира проектот за изградба на коридорите. Па тој со неусвојување на измените на Законот за работни односи работната недела да се продолжи до 6о часа веќе има злоупотребено 53 милиони евра“, рече Стојаноска.
Пратеничката изрази чудење и за тоа како тоа Договорот е таен и зошто го немаат добиено пратениците кои имаат сертификат за доверливост.
„Се уште никому не му е јасно за каква тајна се работи кога станува збор за Договорот деловна, државна. Ние не ја напаѓаме фирмата, ги напаѓаме пропустите кои ги дозволила Владата како тоа во случај на спор да не важи македонското законодавство, туку англосаксонското право, зошто се продолжува работното време на 60 работни часа, можни се проблеми со експропријацијата, не се вклучени доволно наши фирми и тие самите реагираат и низа на други спорни моменти“, рече Стојаноска.
Според Стојаноска никој не е против изградба на патишта.
„Ние сме против криминалот кој е очигледно дека се протнува и тоа по сите основи. Уште непочната реализацијата државата плаќа пенали. Бенефит од работата на коридорите има само Артан Груби и ДУИ. Или наши работници нема, наши фирми нема, оштетени се сите граѓани, ама Груби тера со криминалот и тој профитира на сметка на граѓаните“, вели Стојаноска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.