Владата на денешната седница, на предлог на Министерството за економија, донесе одлука за продолжување на рокот на траење на мерката за ограничување на маржата на основните прехранбени производи до 30 јуни 2023 година.

Со оваа Одлука, највисоката трговска маржа за белиот леб – сечен на парчиња или цел, белиот шеќер и сончогледово масло за јадење, со исклучок на ладно цедено, се утврдува во висина до 5 отсто во трговијата на големо и на мало.

Највисоката трговска маржа за брашно од пченица тип 400 и тип 500, макароните и шпагетите од тврда пченица, македонскиот ориз бел, трајното кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, јајцата од кокошка, урдата, кравјото и мешаното бело сирење, кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт се утврдува во висина до 10 проценти во трговијата на големо и на мало.

– Имајќи предвид дека со оваа Одлука се ограничува растот на цените преку утврдување на висината на трговската маржа, која треба да влијае на растот на цените на мало на основните прехранбени производи, а состојбата на пазарот укажува дека цените се уште не се стабилизирани, се наметна потребата да се предложи измена на Одлуката, со која рокот на примената се продолжува за следните два месеци од оваа година, односно од 30 април до 30 јуни 2023 година, се наведува во соопштението



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.