Сојузот на синдикати на Македонија денеска преку писмено соопштение изрази задоволство од постигнатиот договор за минималната плата со кој минималната плата од март се зголемува на 18.000 денари. Од Синдикатот се надеваат дека ова ќе придонесе и за скалесто зголемување на сите останати плати.

Сојузот на синдикатите на Македонија го темелеше својот предлог на стручни економски анализи, а воедно беше покажана огромна одлучност од нашето членство и на тој начин се постигна успех којшто ќе биде пример и за други европски земји поради тоа што висината на минималната плата од 62 проценти е највисокиот износ на минимална плата и за европски услови во споредба со просечната плата, се наведува во соопштението.

Од ССМ посочуваат дека поддршка имале и од останатите синдикати, како и од дел од политичките партии и пратеници кои согласно нивните деловнички можности поднеле предлог-измени за минималната плата во Собранието.

Владата на Република Македонија предводена од СДСМ и коалицијата за цело време на траење на процесот на социјалниот дијалог покажаа дека ги препознаваат аргументите и анализите на ССМ за зголемување на минималната плата и останатите плати и застана рамо до рамо со работниците за нивните егзистенцијални потреби особено во оваа ковид, економска и енергетска кризна година, велат од ССМ.

Оттаму посочуваат дека работодавачите нема да бидат оштетени со зголемувањето на минималната плата, туку напротив ќе се зголеми продуктивноста на трудот, а со тоа ќе се зголеми и производството во компаниите.

Работодавачите се наш социјален партнер и досега проблемите сме ги разрешувале по пат на социјален дијалог, а со покачувањето на минималната плата нема да бидат оштетени, напротив научните истражувања покажуваат дека со покачувањето на минималната плата ќе дојде до зголемување на продуктивноста на трудот, а со тоа и зголемување на производството во компаниите, нешто на што заеднички ќе работиме, а на тој начин ќе се создадат балансирани односи помеѓу трудот и капиталот што е неопходен услов за развој на економијата и општеството, се вели во соопштението од ССМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.