Собранието, со 61 глас „за“ го усвои предлог-ребалансот на буџетот за 2022 година. Вкупните приходи во Буџетот за 2022 година се утврдени на ниво од 245,8 милијарди денари, додека вкупните расходи на 288,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3% од БДП, што е пониско во однос на минатата година.

Со ребалансот се обезбедуваат средства за раст на пензиите, ранливите категории на граѓани, раст на платите во одделни дејности во јавниот сектор, средства за фирмите за поддршка на растот на платите во приватниот сектор, дополнителни средства за земјоделците за повисоки приноси и стабилизирање на цените на храната, како и за нови антикризни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и заштита на стопанството од шоковите од тековната ценовна криза.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, образложувајќи го ребаланасот на буџетот во Собранието посочи дека истиот треба да постигне две многу важни цели – да се одржи макроекономската стабилност, што е од суштинско значење за понатамошниот раст и развој на секоја економија и второ, да се поддржи економијата за враќање во претпандемиското ниво, како и социјалната сигурност на граѓаните.

Кај тековните трансфери се прави нагорна корекција за околу 19 милијарди денари. Тука се планирани средства за антикризни мерки, но и други мерки за таргетирана поддршка за надминување на кризата. Во рамки на овие средства планирана е дополнителна финансиска поддршка од 4,7 милијарди денари за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите во услови на продолжена криза на светскиот пазар на енергенси и примарни производи. Проектирани се и дополнителни субвенции и трансфери за земјоделците, односно дополнителни 3,2 милијарди денари на првично планираните субвенции со цел да се стимулираат приносите и продуктивноста, за да се амортизираат на ценовните притисоци на основните прехрамбени производи. Повисоки трансфери планирани се и за општините, пред сѐ поради раст на блок-дотациите за покачување на платите во градинките и во основните и средните училишта за 15%.

Со ребалансот, обезбедени се средства за раст на пензиите, согласно новата методологија за пресметка, според движењето на индексот на трошоците за живот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во висина од 50%. Исто така, предвидени се и субвенции за придонеси за поддршка на работодавачите за раст на платите во приватниот сектор, вклучително и ефектот за субвенционирање на придонесите за минималната плата. Дополнителни 2,4 милијарди денари, предвидени се за корисниците на правото на гарантирана минимална помош.

Капиталните расходи се ревидирани надолу во однос на иницијалниот план, но сепак, тие годинава се на рекордно ниво, односно за 8,8 милијарди денари или 37,8% повисоки во однос на минатата година и за 16,1 милијарди денари, или два пати повисоко во однос на 2020 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.