Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски денеска во Охрид го посети семејството Тодороски, кое има инсталирано кровна конструкција на фотоволтаици за сопствено производство на струја на приватен семеен објект куќа. За време на посетата членовите на ова домаќинство со премиерот го споделија позитивното искуство од инсталираните панели и намалените трошоци за потрошената енергија на дневно ниво за потребите на ова семејство.

Владата на Република Македонија неодамна како дел од мерките за справување со енергетската криза донесе одлука со која се олеснува процедурата за поставување на фотонапонски централи од лиценцирани изведувачи за потрошувачи и за производители. Со оваа одлука скратени се фазите за изработка на основниот проект. По старо оваа постапка траеше околу еден месец по ново скратена е на само еден ден. Исто така претходно се чекаше одобрение за поставување сега општината само се известува дека ќе бидат поставени фотонапонски панели од лиценциран изведувач.

Наша задача и обврска како Влада е да креираме услови за развој на компаниите, затоа и одговорно пристапуваме и одговорно го менаџираме буџетот. Со тој пристап, во услови на криза, преку антикризните мерки го заштитивме стандардот на граѓаните, ја одржавме ликвидноста на компаниите со што се зачуваа работните места. Обезбедивме и евтина и 80% субвенционирана струја со што овозможивме и помали трошоци за граѓаните и компаниите, но и ги обезбедивме виталните функции на државата. Олеснетите процедури за поставување фотоволтаици кои ги овозможивме, се дел од планот за целосна енергетска трансформација на земјата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.