На седница на Владата, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, е донесена одлука за определување на јачменот како земјоделски производ, за којшто се однесуваат интервенциски мерки.

Со одлуката се овозможува поддршка за складирање од родот од 2023 година, заради нарушување на односот помеѓу понудата и побарувачката и стабилизација на пазарот со јачмен, што значи обезбедување пониска цена за складирање или покривање на трошоците за складирање на јачменот, соопштија од владината прес-служба.

Владата донесе и Уредба за изменување и дополнување на Уредбата за постапката за доделување на финансиска поддршка за складирање на земјоделски производи, а со којашто покрај пченицата, се додава и јачменот како земјоделски производ за којшто ќе се овозможи да се добие финансиска поддршка за складирање. Станува збор за зголемување на поддршката за складирање за пченица и јачмен од 60 денари на 120 денари по тон за месец, со вклучен ДДВ.

На владината седница е усвоена и Информација и е усвоена Одлука за распределба на средства согласно со Финансискиот договор за Проектот за подобрување на водната инфраструктура на општините во државава.

Општините во државата и во градот Скопје, како што е соопштено од Министерството за животна средина и просторно планирање, средствата ќе ги добиваат како донација за реализација на приоритетни инвестиции за водоснабдителни и канализациони системи, како и за системи за третман на отпадни води и набавка на опрема којашто ќе биде во прилог на подобрување на водоводната инфраструктура на нивна територија, информираат од Владата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.