Се оствари најцрното сценарио кое го предвидуваа јавните препријатија по најавата за покачување на цената на електричната енергија. Сметката за струја за месец јануари на ЈП „Исар“ од Штип е покачена за 4 пати и изнесува 19 милиони денари, а вкупниот месечен приход од наплата на водни и комунални услуги изнесува 17 милиони денари.

Тоа значи дека сметката за струја е за 2 милиони денари поголема од нашите максимални приходи кои ги остваруваме во еден месец. Жално е што досега, иако апелиравме повеќе пати зошто се знаеше дека ова ќе се случи, од институциите немаше никаква реакција – вели Трајче Здравков, директор на ЈП „Исар“ – Штип.

„ИСАР“ веќе должи 30 милиони денари за неплатени фактури за 6 месеци.

Приватниот добавувач кој го раскина договорот покрена постапка против нас, си ги бара своите пари, така што дополнително и овие средства јавното претпријатие и општината немаат механизам со кој што би обезбедиле толку пари за да ги платат овие сметки – додава Здравков.

Финансиската состојба е уште по критична во малите рурални општини. Во Општина Чешиново – Облешево месечно за струја во просек плаќале по 150 000 денари, а сега фактурата е скоро 6 пати поголема.

Ние работиме со блокирана сметка, со наследени долгови од 36 милиони денари, дополнително сметка од 850 000 денари само по основ на електрична енергија, верувајте дека тоа е многу –  вели Далибор Ангелов, градоначалник на О.Чешиново – Облешево.

Општинарите стравуваат дека, доколку централната власт не преземе итни мерки, претпријатија ќе заглават во долгови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.