Владата предводена од СДСМ внимателно ги следи глобалните економски текови и последиците од агресијата врз Украина, вели Лолита Ристова, пратеничка на СДСМ.

Се преземаат сите мерки за да се зачува и унапреди стандардот на граѓаните, да се сочува економијата во услови на криза. Апелираме до граѓаните да бидат спокојни, не се очекува ценовен шок на основните прехранбени производи. Откако цените беа замрзнати, Владата донесе одлука за ограничување на маржите во трговијата на основните продукти на 10 отсто на мало и на пет отсто на трговијата на големо. Истовремено, државата има задоволителна количина на потребните прехранбени производи и нафтени деривати во стоковите резерви. Се разгледуваат и евентуалните потреби за дополнително зајакнување на динамиката на резерви. Централната банка изминатиот период информираше дека девизниот курс на денарот е стабилен а стабилна е состојбата и со девизните резерви, рече таа.

Додава дека СДСМ помага и во надминување на енергетската криза и заштита на стандардот на граѓаните од енергетската криза.

Го намаливме ДДВ-то за струјата од 18 на 5%, ја субвенционираме струјата и спречивме големо поскапување. Околу 7.500 домаќинства добиваат месечни субвенции од 600 до 800 денари за сметки за електрична енергија. Следејќи ја ситуацијата Владата предводена од СДСМ веќе подготвува нови пакети за помош на граѓаните и економијата, врз основа на анализи. Продолжува социјалниот дијалог, по покачувањето на миниминалната плата се работи на методологија за ново покачување на пензиите како и за дополнителна помош на пензионерите во услови на криза. Како парламентарно мнозинство продолжуваме со реализација на мерки и политики што го унапредуваат животниот стандард на граѓаните и ја помагаат домашната економија, додава таа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.