Владата и претставници на Сојузот на здруженијата на пензионерите и Партијата на пензионерите се договорија да има промена на методологијата за усогласување и пораст на пензиите и за дополнителна финансиска помош за пензионерите од по 1000 денари за април, мај и јуни.

Денеска се договоривме да го прифатиме предлогот на пензионерите за воведување нова методологија за порастот на пензиите врз основа на таканаречена швајцарска формула односно учество на 50 отсто зголемување на трошоците на живот и 50 отсто учество на порастот на минималната плата, рече по завршувањето на средбата премиерот Димитар Ковачевски.

Усогласувањето на пензиите ќе се врши двапати во годината и тоа во март и септември кога Државниот завод за статистика ги дава официјалните податоци.

Со воведувањето на оваа методологија и со зголемувањето на пензиите, во 2022 во однос на 2021 година имаме историски најголемо покачување на пензиите. Со ова потврдуваме и исполнуваме уште едно од ветувањата дадени на денот кога ја избиравме Владата, а тоа е дека грижата за пензионерите ќе биде нејзин врвен приоритет, истакна Ковачевски.

Со ова, додаде тој, ќе се креира модел кој ќе овозможи усогласување и пораст на пензиите кои нема да зависат од политичката волја на која било власт.

Таканаречениот „швајцарскиот модел” всушност беше моделот по кој се пресметуваа пензиите по стариот закон, кој СДСМ го смени кога тие дојдоа на власт.

За ова реагира и поранешната заменик-министерка за финансии од техничката влада, Гордана Димитриеска Кочоска од ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

До кога со манипулации⁉️ За каков швајцарски модел зборува СДСМ при корекција на пензиите? Ги испокрадовте пензионерите од 2018 до денес.
„Швајцарскиот модел” беше модел по стариот закон, додека вие несреќи не дојдовте на власт, па го сменивте. Со тој Закон, којшто ВМРО-ДПМНЕ го почитуваше, пензиите се корегираа два пати во годината и по две основи, пораст на трошоци за живот и пораст на просечна плата. Тогаш пензионерите имаа пензија којашто го следеше стандардот за живеење. СДСМ и Мила Царовска се сетија дека еден од двата услови за покачување на пензиите ако го избришат, пензионерите ќе добиваат помало покачување. И го избриша условот покачување на пензија поради покачена просечна плата.
Ова им беше смислено за да од една страна вештачки ја зголемуваат просечната плата, а од друга страна како таа растеше и се фалеа со неа, ги ускратија пензионерите од реален раст на пензиите согласно платата, кој претходно го добиваа.
Ги испокрадовте пензионерите и сега им продавате некаков “швајцарски модел”.
Срамно е ова. А за онаа илјадарка месечно – засрамете се‼️
Го соголевте народот со пораст на цените за струја, за парно, за храна, па и за бензините‼️
И сега мислите дека 1000 денари месечно во следните три месеци, ќе ви биде простено, или мислите дека тоа е доволно за да се покријат овие зголемувања на трошоците за живот? Ниту едно, ниту друго! Неспособни сте за водење економија. Одете си, порача таа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.