Македонија не ги оправда надежите за уставни измени – основен услов за продолжување на пристапните преговори со Европската Унија. Ова за Бугарското национално радио (БНР) го изјави Мануел Сарацин, специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, пренесува бугарски „Труд“.

Според Сарацин, европскиот транспортен Коридор 8 е од стратешко значење за регионот.

За време на моите разговори во Софија разбрав дека Бугарија е збунета, но и загрижена од ова барање на Скопје“, вели Сарацин откако министерот за транспорт Александар Николоски побара парите за Коридорот 8 да се пренаменат за Коридорот 10.

Дополнително, тој коментира дека европскиот транспортен коридор 8 е од стратешко значење за регионот, но според него, новата влада во Скопје неделава покажала оти изгубила интерес за негово спроведување.

Инаку, Коридорот 8 треба да ги поврзе италијанското пристаниште Бари и албанското Драч со Скопје, Софија и Црното Море.

Забелешката е дека наместо овој коридор, во Скопје се дало приоритет на Коридорот 10, кој ги поврзува Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Македонија и Грција.

Транспортните коридори во Европа се во надлежност на Брисел. Лично верувам дека не е во надлежност на една земја да ги менува европските приоритети во транспортната политика. Ова е долг и комплициран процес со многу различни договори. За време на моите разговори во Софија, разбрав дека Бугарија е збунета, но и загрижена од ова барање на Скопје. Изградбата на Коридорот 8 секако е од стратешко значење“, вели Сарацин на оваа тема.

Прашан за декларацијата на германскиот парламент, Бундестагот, во која за Република Македонија се зборува како за држава определена за членство во ЕУ како ниедна друга во регионот, Сарацин вели:

За жал, нашите надежи за посветеност на Скопје за промена на Уставот на Република Македонија не беа оправдани. Оваа промена е главниот услов на Советот на ЕУ од Преговарачката рамка за Скопје“.

Тој вели дека декларацијата на Бундестагот имала за цел да биде мост преку кој ќе премине политичкото раководство на Република Македонија, истовремено покажувајќи му на народот дека нема причина за загриженост за идентитетот, јазикот и културата и дека Германија е на нивна страна.

Но, во исто време, тоа беше сигнал за Бугарија дека сме обединети во нашето верување дека бугарското население во Македонија ќе биде вклучено во Уставот“, вели германскиот пратеник за Западен Балкан.

Тој смета дека се работи за убав и стабилен мост, но македонската страна, како што вели, сè уште не може да помине по него. Според Сарацин, Бугарија има многу можности преку својата посветеност на европската интеграција на Западен Балкан да заработи уште поголема почит од другите земји членки на ЕУ.

Ставот на Сарацин доаѓа откако министерот за транспорт Александар Николоски ја обвини Бугарија дека нема проект за Коридорот 8.

Како што рече тој деновиве, постои долгогодишна желба да се изгради пруга меѓу Скопје и Софија, но прашањето е како, кога Бугарија не е сериозна за проектот. Поради тоа тој побара парите да бидат пренаменети за Коридорот 10.

Бараме и од Европската банка за обнова и развој и од Европската инвестициска банка, со кои потпишале договор претходната влада на СДСМ и ДУИ, тие средства да се пренаменат за изградба на брза пруга по Коридорот 10 и рехабилитација на постојниот коридор 10. Од Табановце до Гевгелија, значи од границата со Србија до границата со Грција за да можат возовите да одат со 100 до 120 километри на час, рехабилитација на постојната пруга, проект што ќе чини 250 милиони евра“, рече Николоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.