Од јануари до ноември 2022 година Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) има издадено лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори за околу 200 електроцентрали, а со инсталираниот капацитет, како што соопшти, може да се задоволат потребите на 27100 домаќинства.
Според РКЕ, најголем интерес има за производство на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали.
Досега оваа година имаме издадено лиценци за 86,8 мегавати инсталиран капацитет од фотонапонски електроцентрали, додека 6,4 се за мали хидроцентрали и 2,5 мегавати за тероелектроцентрали на биогас или вкупно се издадени лиценци со предвидено просечно годишно производство на електрична енергија од обновливи извори на електрична енергија на ниво од 95,7 мегават часови. Овие електроцентрали се приклучени на електродистрибутивната мрежа, информира РКЕ.
Регулаторната комисија оценува дека оваа количина на електрична енергија од над 95 мегават часови од обновливи извори на енергија гледано во апсолутен износ е и повисока од производството на ХЕЦ Козјак и со неа може да се задоволат потребите за 27 100 домаќинства.
Ваквите приватни иницијативи во време на енергетска криза се покажаа како решение за многу стопанственици кои со инсталирање на фотонапонски електроцентрали ги намалија значително трошоците за електрична енергија и произведената електрична енергија ја користат за задоволување на сопствени потреби. Во сончеви периоди и денови овие потрошувачи коишто имаат инсталирано фотонапонски електроцентрали во најголем дел ги задоволуваат сопствените потреби и поради тоа немаат потреба да набавуваат електрична енергија од снабдувачите со електрична енергија и истата да ја плаќаат, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.