Годишниот раст на вкупните депозити во октомври изнесува 11,0%, а произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства. Вкупните кредити, пак, на годишна основа се зголемени за 9,2% како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор, соопшти Народна банка.
Во октомври 2024 година, паричната маса се зголеми за 1,6% на месечна основа, како резултат на зголемувањето на депозитните пари, краткорочните депозити и долгорочните депозити до две години, при остварен пад на готовите пари во оптек. Анализирано на годишно ниво, паричната маса бележи зголемување од 9,1%, во поголем дел поради растот на депозитните пари, при позитивен придонес и на долгорочните депозити до две години и готовите пари во оптек, додека краткорочните депозити забележаа пад.
Вкупните депозити во октомври, забележаа месечно зголемување од 1,7% поради растот на депозитите кај двата сектора, којшто е поизразен кај корпоративниот сектор. Годишниот раст на вкупните депозити од 11,0% произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“.
Во октомври, вкупните кредити остварија раст од 1,8% и 9,2% на месечна и на годишна основа, соодветно. Месечната и годишната промена се резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.
Кај вкупните депозити на корпоративниот сектор, во октомври, е забележан месечен раст од 3,2%, којшто пред сè се должи на повисоките депозитни пари и краткорочни депозити во денари, при остварен раст и на долгорочните депозити, додека краткорочните депозити во странска валута забележаа пад. Споредено на годишно ниво, депозитите на корпоративниот сектор се повисоки за 10,0%, во поголем дел како резултат на растот на депозитните пари, а дополнителен позитивен придонес имаат и долгорочните депозити и краткорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во странска валута бележат намалување.
Овој месец, кредитите на корпоративниот сектор5 остварија месечен раст од 2,8%, при годишен раст од 10,4%, соодветно. Притоа, месечната и годишната промена во целост се должат на зголеменото кредитирање во денари, при остварен пад на кредитите во странска валута.
Вкупните депозити на домаќинствата, во октомври, се зголемени за 0,7% на месечно ниво, во целост како резултат на растот на долгорочните депозити во денари и во странска валута, во услови на забележан пад кај краткорочните депозити и депозитните пари. Годишниот раст од 11,7% се должи на повисоките депозитни пари и долгорочните депозити во денари и во странска валута, додека краткорочните депозити бележат намалување.
Кредитите на домаќинствата во октомври забележаа месечно и годишно зголемување од 0,9% и 8,2%, соодветно. Промената кај двете основи произлегува од растот на кредитите во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари.
Гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити како најзастапени категории бележат месечен раст од 0,9% и 1,1%, соодветно, како и годишен раст од 7,2% и 11,3%, соодветно. Овој месец, кај автомобилските кредити е остварено месечно и годишно зголемување од 0,9% и 13,6%, соодветно. Кредитите одобрени на
кредитни картички и негативните салда на тековните сметки, во октомври, се повисоки за 0,2% и 1,5%, соодветно, на месечна основа, додека на годишна основа бележат намалување од 8,5% и 0,8%, соодветно. Кај кредитите одобрени врз други основи е забележано месечно зголемување од 0,4%, во услови на годишен пад од 16,1%.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.