Стартува евтината дневна тарифа на струјата во периодот од 13 до 15 часот. Со воведување на дневната евтина тарифа домаќинствата ќе имаат на располагање вкупно 11 часа евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие од понеделник до сабота и 24 часа во ден недела.

ЕВН од денеска ќе почне да ги сетира броилата, па граѓаните пред да ја користат дневната евтина тарифа треба да проверат дали им е извршено сетирање.

„Електродистрибуција поседува 170.000 броила со далечинска комуникација и 650.000 обични броила кои треба да се сетираат на лице место. Од 1 декември ќе влегува во сила новиот тарифен систем, а тогаш ќе започне и сетирањето на броилата. На екранот на броилата се појавува ознака Т1 за висока тарифа и Т2 за ниска тарифа, што значи дека во зависност од периодот на денот се појавуваат и се активни соодветните ознаки на екранот“, велат од ЕВН.

Корисникот може да препознае дали му е сетирано броилото на евтина тарифа од 13 до 15 часот доколку му се појави соодветната ознака за евтина тарифа во наведениот временски период. Дневна тарифа на струјата ќе има во периодот од 13 до 15 часот.

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Македонија (РКЕ) донесе Тарифен систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај со кој се утврдува дека евтината дневна тарифа стартува од 1 декември 2023 година во периодот од 13 часот до 15 часот.

-Со воведување на дневната евтина тарифа домаќинствата ќе имаат на располагање вкупно 11 часа евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие од понеделник до сабота и 24 часа во ден недела. РКЕ по направените анализи оцени дека се создадени услови домаќинствата да користат дополнителни часови во коишто надоместокот за потрошената електрична енергија ќе се пресметува по евтина тарифа. Податоците укажуваат дека инвестицискиот циклусот во обновливи извори на енергија го зголеми производството на електрична енергија со што директно се влијаеше врз намалување на цената преку ден, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

Подзаконските акти што ги донесе РКЕ утврдуваат и нови рокови според кои енергетските компании од следната година ќе треба да ги достават своите барања најдоцна до 30 септември, а одлуките за новите тарифи ќе бидат соопштени најдоцна до 30 ноември и истите ќе бидат на сила од следната година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.