Премиерот Христијан Мицкоски очекува Предлог-буџетот за 2025 година што вчера помина на владина седница, деновиве да се најде пред пратениците. Економскиот раст проектиран на 3,7 проценти за следната година, вели дека може да биде и надминат доколку се реализираат најавените инвестиции на компаниите и капиталните инвестиции.

Очекувам во третиот квартал да се движиме меѓу 2,5 и 3 проценти, во четвртиот квартал меѓу 3 и 3,5 проценти, а не би се изненадил ако првиот квартал до година, ако биде се како што го проектираме со инвестициите на компаниите и со инвестициите на државата, да дојдеме и до четворка и не би се изненадил ако следната година биде 3,7 и повеќе, бидејќи такви се индикаторите со коишто сега во моментот располагаме. Има уште некои работи што треба да отпочнат со функционирање, некои фабрики кои се уште не се отпочнати, а очекувам во периодот којшто следи, да отпочнат така што, проекцијата за следната година е на 3,7, но не би се изненадил ако биде и повеќе – изјави Мицкоски по денешната посета на општина Ѓорче Петров.

За зголемувањето на платите, рече дека во Предлог-буџетот се одвоени средства за оваа намена и дека како резултат на постигнтиот договор со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) веќе од ноември вработените ќе го добијат првото зголемување. Очекува во понеделник или вторник да почнат и разговорите со синдикатот за здравство.

Вкупните приходи во Буџетот за 2025 се планирани на 358 милијарди денари, што е за 13 проценти повеќе од буџетот за 2024 година, додека вкупните расходи се проектирани на ниво на 400 милијарди денари, што е раст од 10 проценти во однос на буџетот за 2024 година. Економскиот раст е планиран на ниво од 3,7 проценти, буџетскиот дефицит на четири проценти, инфлацијата 2,2 процента.

Според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, Предлог-буџетот содржи мерки за фискална консолидација и дисциплинирано даночно трошење и мерки и политики за поттикнување на економскиот раст.

Предлог-буџетот треба да биде испратен до Собранието каде треба да го помине првиот филтер по што со евентуалните забелешки ќе се врати повторно во Владата на доработка и потоа на конечно усвојување во Собранието.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.