Производството во текстилниот сектор е во слободен пад, оценува Ангел Димитров од Организација на работодавачи. Посочува дека приватниот сектор веќе трети месец ја чекаат мерката за субвенционирање на платите, која беше најавена на крајот на ноември, минатата година, вели, е помината во прво читање во Парламенто.
Димитров за МИА вели дека работодавците не знаат и немаат информации, зошто оваа мерка е заглавена во Собранието, која реално ќе помогне на бизнис секторот, но и на вредните и добри работници, на кои работодавците ќе можат да им ги зголемат платите. Тој додава дека во овој сектор сериозна е состојбата со помалите компании, бидејќи дел од европските партнери веќе си заминале и своите налози ги пренасочиле во Бангладеш или Виетнам.
-Голем број компании си заминаа од кај нас. Помалите компании одвај живуркаат. Имаат проблеми, посебно оние во Македонска Каменица, Штип. Не знаат како ќе продолжат. Се надеват дека ќе најдат нови купци, но тоа е многу тешко. Странците се свесни дека ние немаме млада работна сила и затоа на долг рок, губат интерес за работа во Македонија, изјави Димитров.
Во невладината „Гласен Текстилец“ дваесеттина текстилни работнички се пожалиле дека работодавците нема да им ги продолжат договорите на определено работно време, поради намалување на обемот на производство. Кристина Ампева вели имаат забележано дека некои работници потпишале и документи за трансформација од неопределено во определено работно време. Таа упати апел до работниците да внимаваат што потпишуваат.
-Се надевам дека работниците ќе бидат внимателни при какви било трансформации. Бидејќи ако има намален обем на работа повторно морам да потенцирам дека во Законот за работни односи децидно стои дека доколку фирмата, работодавачот се соочува со сериозни потешкотии во работењето и треба да го намали бројот на вработени, тоа се прави со соодветна консултација со преставници од синдикатите, но и дека треба да им исплати испратнини согласно стажот на работниците во тие фирми, вели Ампева.
Во текстилниот сектор за оваа година се очекува пад на производството од три до пет проценти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.