Изминатиов месец имавме инфлација од 8,8%, односно да бидам поконкретен, тоа што нас граѓаните најмногу не’ интересира – порастот на цените на мало изнесува цели 9,6%, посочи на прес-конференција во собранието Љупчо Пренџов, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.

Пораст на трошоците за живот во март 2022 година, во споредба со март 2021 година, е забележан кај млекото, сирењето и јајцата за 7,4%, лебот и житата за неверојатни 16,5%, месото за 6,7%, зејтинот за 21,6%, овошјето за 13,2%, зеленчукот за 17,7% итн.

Понатаму, во март имаме пораст кај гасот за 37,8%, течни горива за 72,6%, електрична енергија за 9,4%, топлинска енергија исто така за 9,4%, угостителски услуги за 9,7%, транспортните услуги за 18,5% итн, истакна пратеникот.

 

Тој обвини дека цените растат, а како што рече, Владата нема стратегија.

Почитувана јавност, уште не запролетило, а веќе имаме околу 200 милиони евра буџетски дефицит. Наспроти овој дефицит имаме скромни само 80 милиони евра капитални инвестиции. При носењето на Буџетот за 2022 година од власта се фалеа дека оваа година ќе го реализирале златното правило за повисоки капитални расходи од буџетски дефицит, но само три месеци подоцна, бројките ги вадат на чистина дека се неспособни и дека немаат економски тим. Речиси два и пол пати буџетскиот дефицит е поголем од капиталните расходи.

И ова не го зборува само опозицијата. Пред неколку дена излезе пролетниот извештај на Светска банка според кој за Македонија се прогнозира најмал економски раст во регионот, односно додека на Македонија и предвидуваат 2,7% раст, на Албанија и предвидуваат 3,2%, на Косово 3,9%, на Србија 3,2%, на Босна и Херцеговија 2,9%, на Хрватска 3,8%“, кажа Пренџов кој обвини дека владеачките структури се грижат само за нивната лична корист и токму затоа, како што рече, на Македонија и македонското општество се потребни избори час поскоро.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.