Според податоците на доверителите од Еуростандард банка во стечај, во постапката за распределба на средства од стечајната маса, Фондот за осигурување на депозити треба да биде со исплатен ред после доверителите физички и правни лица. Ова е правично и издржано решение, известуваат од здружението на оштетени штедачи од оваа банка Правда за штедачи.

Вака одлучил одборот на доверители на седница кон крајот на минатата година, по што стечајниот управник изготвил план за авансна распределба, односно план за исплата на доверителите од досега собраната стечајна маса на Еуростандард банка. Доверителите, физички и правни лица, се со очекување стечајниот судија да го потврди планот за авансна распределба донесен од одборот на доверители и да донесе решение, со што, конечно, ќе почне исплатата на доверителите на пропаднатата банка.

Вака утврдениот исплатен ред на Фондот за осигурување на депозити во стечајната постапка на банката е правично и издржано решение, во согласност со законот и со начелата на праведно и законско регулирање на побарувањата на доверителите од стечајната маса.

Притоа, особено треба да се има предвид дека со укинувањето на член 163 став 3 од Законот за банки согласно одлуката на Уставниот суд донесена во мај минатата година, Фондот го изгуби статусот на доверител и исплатниот ред во стечајната постапка според Закон за банки. Со тоа, за статусот на Фондот како доверител во стечајната постапка и новиот исплатен ред на Фондот, Основниот граѓански суд Скопје и Апелацискиот суд Скопје одлучија дека тие треба да се определат врз основа на посебна (sui generis) законска суброгација и да се земе предвид при утврдувањето на планот за авансна распределба на доверителите. Согласно ваквите одлуки на судовите е определен исплатниот ред во планот за аванска распределба изгласан од одборот на доверители. Притоа се земени предвид аспектите на кои ова здружение и во досегашните обраќања кон јавноста укажуваше, особено дека решението што ќе произлезе мора да биде правично и на задоволство на сите засегнати страни. Имајќи предвид дека Фондот за осигурување на депозити е основан со цел да се зајакне сигурноста на депонентите кои своите парични средства ги чуваат во банките, како и нивната верба во банкарскиот сектор, цениме дека ваквата одлука е во интерес и на Фондот. Тоа е така бидејќи Фондот, исто како и депонентите, со усвоениот план за авансна распределба добива значителен износ на средства од стечајната маса на банката.

Затоа, со усвоеното решение, нема место за незадоволство, особено ако се има предвид дека Фондот за осигурување на депозити има специфична поставеност во банкарскиот систем. Тој наплаќал и наплаќа премии од банките за да изврши обештетување на депонентите во случај на ризичен настан односно пропаѓање на банка. Во таа смисла, не може да се стави знак на равенство меѓу позицијата на Фондот и депонентите – физички и правни лица, со оглед дека Фондот е во позиција, преку премијата што банките ја плаќаат од депозитите, и понатаму да биде финансиран од депонентите. Додека средствата на останатите доверители, физички и правни лица, се заробени во стечајната маса на Еуростандард банка и постои опасност од нивно трајно губење, без можност за надополнување.

Затоа, врз основа на примената на законската суброгација, која самиот суд ја утврди како основ за одредување на статусот на доверител на Фондот во стечајната постапка на Еуростандард банка, очекуваме потврда на планот за авансна распредлба, којшто е направен врз основа на користење на истиот тој принцип, преку законска суброгација, согласно Законот за облигациски односи. Односно, доверителите, физички и правни лица, се во очекување судот да го прифати и со решение спроведе планот за авансна распределба на паричните средства од стечајната маса на Еуростандард банка.

Со тоа, ќе се заврши агонијата на доверителите на Еуростандард банка, физички и правни лица, и истите ќе ги добијат во целост нивните лични парични средства заробени во насобраната стечајна маса на банката. Во исто време, Фондот за осигурување на депозити ќе врати значителен дел од своето побарување, со можност за целосна наплата на истото во периодот кога ќе остане речиси единствен доверител по исплатата на физичките и правните лица. Тоа е единственото правично решение со кое се решава проблемот на преку 3.000 доверители, граѓани и фирми, кои се оштетени од пропаѓањето на Еуростандард банка, не по нивна вина. Но, во исто време, со ваквото решение се води сметка за јавниот интерес преку обештетување на значителен дел од побарувањето на Фондот за осигурување на депозити. Повторуваме, тоа е единствено правично и законито решение, на задоволство на сите доверители“, соопшти Правда за штедачи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.