АД Електрани на Северна Македнонија денес потпиша договор за инвестициски грант за проектот „Фотонапонска електрана Осломеј I“ со Европска банка за обнова и развој, добиен преку Инвестициската Рамка за Западен Балкан.

– Инвестицискиот грант во вредност од над 1.5 милиони евра, предвидено е да биде искористен за финансирање на ставките од грантот, согласно Договорот за набавка и поставување на Фотонапонска електрана Осломеј 10 MW, склучен помеѓу АД ЕСМ – Скопје и реномираната турска компанија „Гиришим електрик“ потпишан во ноеври 2019 година“, изјави во денешното обраќање генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Стефанов.

Целта на инвестицискиот грант, додаде Стефанов, е да обезбеди поддршка во финансирањето на трошоците за фотонапонската електрана, коишто вклучуваат набавка на опрема, градежни работи и работи поврзани со инсталација на опремата.

Во продолжение Стефанов нагласи дека поддршката и соработката со институции како ЕБОР е од клучно значење и ќе придонесе за побрза и полесна транзиција кон Зелената агенда за Западен Балкан, со заложбата за транзиција кон чиста енергија, која има цел намалување на емисиите на стакленички гасови за 61 проценти.

Евроамбасадорот Дејвид Гир, порача дека Македонија е земја на сонцето и оттука, изградбата на соларниот фотоволтаичен проект од 10 MW на местото на поранешниот рудник за јаглен во Осломеј е природен и логичен чекор за енергетскиот премин на земјата од фосилни горива кон обновливи извори.

– Со користење на сончевата енергија за создавање чиста енергија, овој проект ќе и помогне на Македонија да обезбеди бројни придобивки, вклучувајќи почист воздух и поголема енергетска безбедност, независност и отпорност. Ние во ЕУ сме горди што ја поддржуваме оваа земја на нејзиното многу важно патување кон почисто и побезбедно снабдување со енергија, заедно со ЕБОР и другите развојни партнери, изјави Гир.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, рече дека денешното потпишување на Договорот помеѓу ЕСМ и ЕБОР, за инвестициски грант од 1,5 милиони евра наменет  за поставување фотонапонска електрана во ТЕЦ Осломеј, е во насока на имплементација на зелената агенда и енергетската транзиција.

-Проектот е успешно поставен и тоа е препознаено од ЕУ, која ги доделува овие грант средства, кои се средства од даноците на граѓаните на ЕУ, а со кој се намалува заемот обезбеден за реализација на проектот од ЕБОР. Проектот, чија вредност е 5,9 милиони евра, значи генерирање енергија со трансформација на постојните технологии на јаглен во обновливи извори на енергија. Користење на природната сончева енергија за производство на електрична енергија, создавање одржлив раст и развој и постигнување поквалитетен живот за нас и идните генерации. Тоа е дел од нашата европска индина, која не значи само носење закони, туку правење реални промени на условите за живот. Ова е чин што ја одбележува солидарноста на ЕУ, на вредностите што ги споделуваме со земјите од ЕУ и граѓаните од ЕУ, а каде припаѓа и нашата земја, истакна министерот Бесими.

Директорот на Европската банка за обнова и развој за Република Македонија, Анди Аранитаси, посочи дека тие се заинтересирани да продолжат да работат со Македонија на намалување на нејзината зависност од застарената инфраструктура на јаглен.

-По успешното завршување на фотонапонската електрана Осломеј 1, возбудени сме што гледаме дека владата продолжува со инвестиции во соларна енергија и остануваме подготвени да обезбедиме дополнителна поддршка доколку е потребно, изјави Аранитаси.

Фотонапонската електрана „Осломеј 1“ со моќност од 10 MW , во април минатата година почна да ги произведува првите количини чиста и зелена електрична енергија од сонце.

Фотонапонската електрана изградена во кругот на РЕК „Осломеј“ e прв пример на енергетска транзиција во Југоисточна Европа каде што електричната енергија ќе се произведува од сонце преку панели поставени на просторот врз стариот и исцрпен рудник за јаглен. Таа е прва во низата електрани што треба целосно да го заменат досегашниот инсталиран капацитет на РЕК „Осломеј“.

Фотонапонска електрана „Осломеј“ предвидено е да има годишно производство од 15 до 17 гигават-часа електрична енергија, да исфрли 13.000 тони емисии на CO2 годишно и да ги обезбеди потребите за струја на околу 2.800 домаќинства, но истовремено се прави рекултивација и облагородување на 19 хектари површина необработливо земјиште.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.