Министерот за економија Крешник Бектеши најави корекција на замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот, затоа што лажните фактури што ги прикажувале увозниците пред Царинската управа создале погрешна слика за тоа колку може да поевтинат овие производи кои овој и минатиот месец генерално се увезуваат од Грција, Албанија и Турција.

Бектеши по состанокот со увозниците и на комората, пред медиумите рече дека следната недела ќе има нова одлука објавена во Службен весник со коригирани цени. Очекува таа да биде донесена од вторник.

Ќе се прават контроли за тоа како е направен увозот за сите увозници за овошје и зелечук за последните месеци. На терен е финансиската полиција и Државниот пазарен инспекторат за да не се направи штета на буџетот и на граѓаните. Давале други фактори во Царина, а со други фактури купувале од регионот. Сакале да избегнат царински давачки, и Царина доби задачи да направи детални контроли за месеци наназад, рече Бектеши.

Министерот рече дека 90 отсто овој период домашниот пазар е зависен од увоз, а од мај се очекува да се намалува зависноста од увозот. При тоа ги потсети увозниците дека даночно затајување на суми над 10.000 евра е кривично дело.

– Колку процентуално е зголемен увозот на одредени производи, толку процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната, наведе тој и додаде дека сепак границите на производите нема да надминат 100 денари.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.