Универзитетскиот професор Никола Поповски, кој е поранешен министер за финансии и член на Советот на Народната банка смета дека земјава ќе остане во зоната на умерена инфлација и дека нема сценарио во кое може да има удар врз курсот на денарот.
Поповски во гостување на емисијата „24 анализа“ посочи дека инфлаторните притисоци се застапени секаде – во Еврозоната, во Германија како нејзина најголема економија, во САД, каде инфлацијата е околу 7 проценти. Нагласи дека нашата економија е само мал остров во океанот и дека поскапувањата се резултат на она што се случува глобално.
Според Поповски, нема сценарио во кое може да се зборува за девалвација на денарот.
Нашата инфлација веројатно до крајот на годината ќе се намали. Ударот беше јануарски, поради еднократното зголемување на цените на електричната енергија и парното. Девизните резерви се на високо ниво, на тоа упатува и извештајот на ММФ, каде што се тоа се квантифицира. Во услови на врзан курс со еврото, ние ги имаме сите инструменти кај нас на располагање па дури и кога има инфлација. Оваа е умерена инфлација. И во теоријата кога е едноцифрена инфлацијата, таа е умерена. Ние ќе останеме во зоната на умерена инфлација – оценува Поповски.
Како предизвици кои доаѓаат за ценовните движења, Поповски ги посочува и развојот на руско-украинскиот конфликт, како и одмрзнувањето на цените на храната, која беше привремена мерка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.