Струјата за домаќинствата во првиот и во вториот блок од 1 јануари се намалува, а се зголемува во третиот и четвртиот блок. Намалување има и на цената за малите потрошувачи, соопшти денеска на прес-конференција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.

Цената на електрична енергија кај домаќинствата за прв блок се намалува за 4,11 проценти, за втор блок за 2,95 проценти, на третиот блок се корегира и се зголемува за 0,85 проценти, а за четвртиот се зголемува за 7,65 проценти.

Во новата цена на струјата од 1 јануари е пресметано и зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 проценти.

За да не се почувствува ефектот од зголемувањето на ДДВ, ги намаливме цените во првиот и вториот блок, рече Бислимовски, информирајќи дека делумно се прифатени барањата на енергетските компании, како и дека има фактори на корекција кои ги имплементирале во одлуката.

Како што информира, вкупната цена за електрична енергија на малите потрошувачи од 1 јануари се намалува за 20,15 проценти. Таа цена ќе се применува за 70.000 компании во државата кои во изминатиот период се соочуваа со зголемени трошоци. Тоа се мали и микро компании, мали дуќани фризерници, берберници, мали кафулиња – рече Бислимоски.

Според него, 99,2 проценти од домаќинствата во државата ќе имаат намалени цени на електрична енергија.

Доколку продолжат домаќинствата да штедат, многу мал процент ќе имаат зголемени трошоци за електрична енергија. Тоа се конкретни мерки коишто ќе им помогнат на граѓаните за да им се подобри нивниот животен стандард – рече Бислимоски.

Тој соопшти дека со овие одлуки, цената за пренос на електрична енергија се намалува за 8,66 проценти, а за дистрибуција за 19,54 проценти. Тоа, посочи, е дополнителна помош и за компаниите коишто се на слободниот пазар на електрична енергија затоа што нивните трошоци за мрежарина, која го вклучува преносот и дистрибуцијата се намалуваат речиси за 20 проценти.

Она што е исто така многу битно, во изминатиот период имаше реакции дека трошокот за мрежарина е поголем од трошокот за енергија. Сега тоа ќе се промени поради тоа што трошокот на дистрибуција на електрична енергија за категоријата каде што се приклучени домаќинствата тоа е ЛВ2 се намалува за 20,6 проценти – рече Бислимоски.

Во пресрет на денешната одлука на РКЕ, МЕПСО побара зголемување на цената за пренос на електрична енергија за 29,75 отсто, „ЕВН електродистрибуција“ намалување на услугата за дистрибуција за 2,8 отсто, а универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум зголемување за пет отсто на цената за снабдување на малите потрошувачи и домаќинствата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.