Пекарите најавија затворање на погоните и прекин на производството на леб првиот ден по објавата на одлуката за замрзнување на цената на лебот во Службен весник.

Ова го соопшти Горан Малишиќ, претседател на групација за мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија по денешната средба на членките на групацијата на која како што беше потенцирано едногласно била донесена одлуката за престанок со работа.

По најавата на министерот за укинување на субвенционирањето на цената на електричната енергија, како и најавата за замрзнување на цените на лебот беше одржана средба на членките на комората. Заклучивме дека субвенционираната цена на електричната енергија има позитивни ефекти и има намалување на цените на лебот, дури и повеќе од учеството на субвенционираната струја. На пазарот веќе имаме производи со постоечки цени од 33 до 35 денари, зависно која категорија. Веќе има леб по тие цени. Пекарската индустрија денеска на состанокот на кој беа присутни 32 индустриски пекари од цела земја, плус од мали градови, сите се согласија дека не се сложуваат со мерката за замрзнување, која ќе ги однесе до работа со загуби. Од сите, едногласно, беше донесена одлука, дента кога ќе излезе одлуката за замрзнување на цената на лебот во Службен весник, другиот ден пекарската индустрија ќе престане да произведува леб – посочи Малишиќ.

Тој објаснуваше дека секоја компанија има свои пресметки, свои влезни трошоци во производството на леб, и посочи дека никој не ги тера граѓаните да купуваат лебови кои се поскапи и дека тие имаат избор да купуваат леб согласно можностите.

Цените на пазарот веќе се намалени, и тоа повеќе од субвенциите. Во формирањето на цените не влегува само струјата, туку и цените на брашното, работната рака, нафтата, опрема за пакување… Со оваа одлука се прави штета на бизнисот, не се гледа целата слика туку само одредени цени. Не сме против за мерката, ако владата ја донесе мерката, од наредниот ден нема да се носи леб на пазарот. Има модел како владата да направи социјална цена за лебот, за да се задоволат потребите на населението треба да се фатите за џеб – потенцира Малишиќ.

Тој појасни дека две години биле општествено одговорни компании, и дека ако сега работат по замрзнати цени, ќе одат во загуба. Потсети дека изминатиов период имаше бројни одлуки кои резултирале со загуби во дејноста, но додаде дека се спремни за преговори.

Ако не затвориме одма, по ваква одлука секако ќе затвориме по некое време – додава Малишиќ.

Пекарите појаснуваа дека во вкупна цена на леб најголем трошок кој опфаќа од 40-45 се трошоци за брашно, потоа околу 35 проценти се трошоци за работна рака, а останати за други трошоци како пакување, нафта, други енергенси. Посочуваат дека поради одливот на кадар има голем недостиг од кадар, поради што и платите во секторот нагло растат. Според нив, просечна плата кај пекарите е 600 евра, но има такви кои се платени и по илјада евра месечно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.