Скопјани нема да останат без парно греење и тоа е дефинитивно ама по која цена – сѐ уште нема одлука. Во моментов главна цел е најголем дел од топлинската енергија да дојде од ТЕ-ТО, за да има што помалку трошоци вели првиот човек на Регулаторна, Бислимовски.

Ситуацијата е проблематична затоа што со месеци траат натегањата помеѓу ЕСМ и Град Скопје околу тоа кој е надлежен за новиот топловод на мостот „Беласица“, а решение на проблемот со цевките – нема.

Топловодот беше оштетен пред околу четири месеци, кога пожар го зафати мостот „Беласица“. Оттогаш сите креваат раменици, а никој не го решава проблемот.

Во меѓувреме од Регулаторна предупредија дека санацијата мора да заврши што поскоро, за да нема ценовно цунами. Тоа сѐ уште се чека, вели претседателот Бислимовски и открива дека од истото зависи и носењето на одлуката за новата цена на парното.

Претседателот на РКЕ потврди и дека евтината дневна тарифа на електричната енергија започнува со примена од 1 декември. Ќе важи во периодот од 13 до 15 часот, а во првите десет дена од месец декември најголем дел од домаќинствата ќе имаат пристап до истата.

Сите ќе имаат пристап до евтината тарифа кога ќе се изврши целосно сетирање на броилата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.