Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи денеска во Битола ја посети компанијата „Бреинчајлд“ специјализирана за производство на спортска опрема наменета за сурфање на водени површини и за параглајдинг.

Како што истакна вицепремиерот Битиќи, „Бреинчајлд“ е новоформирана, прогресивна и амбициозна компанија која својот развој го планира во Македонија, за што потврда е дека во нашата земја имаме атрактивен и стимулативен економски амбиент.

„Бреинчајлд“ планира основање на две нови компании, од една во делот на производството, а другата фокусирана во активности на истражување и развој, со вкупна вредност од 13,5 милиони евра. Вредноста на планираната инвестиција во производство е 11,5 милиони евра и притоа во наредните пет години ќе се отворат 275 нови работни места, а со проектираната цел за 10 години, да се реализираат вкупно 530 вработувања, додека во делот за истражување и развој се планирани 35 нови работни места, посочи вицепремиерот Битиќи.

За реализација на инвестициите, компанијата „Бреинчајлд“ има обезбедено градежни парцели во индустриската зона Жабени.

Со реализацијата на оваа инвестиција уште еднаш се покажа дека како држава имаме изградено реален капацитет и услови за поттикнување и реализација на нови инвестиции во делот на реалниот сектор, кои отвораат нови добро платени работни места, нагласи вицепремиерот Битиќи.

Компанијата „Бреинчајлд“ е специјализирана за спортски производи изработени од еколошки одржливи материјали и со користење на најсовремена технологија за производство.

Како германски граѓанин одлучив да инвестирам тука, затоа што Македонија е во срцето на Европа. Претходно инвестирав во Украина, Азија и Кина. Нашата новосоздадена лабораторија со седиште во Битола ќе примени нови стандарди и ќе има нови работни места, посочи Ралф Хенинг Гросел, менаџер на компанијата и додаде дека сака параглајдинг и учествувал на натпреварите во Крушево и на Галичица.

На прес-конференцијата во Битола беше соопштено дека во моментов во Македонија има портфолио со над 600 компании кои добиле државна помош, од кои 98 отсто се домашни, а само два проценти странски компании.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.