Министерот за економија, Фатмир Бесими, смета дека сега не е најповолно време за усогласување и зголемување на платите во јавниот сектор бидејќи, како што вели, ќе има импликации на инфлацијата и препорачува зголемувањето на плати да се имплементира од 2024 година.

Според него, платите во јавниот сектор треба да растат ако расте продуктивноста и ако се зголемат платите во реалниот сектор.

Усогласувањето на платите на Економско-социјалниот совет ќе трае подолго, а методологијата за зголемување плати може да се донесе побргу, рече Бесими на средбата со новинарите.

Тој потврди дека му е исплатена повисока плата за 78 отсто во согласност со одлуката на Уставниот суд. Рече дека досегашната плата му била 71.145 денари, а за април му се исплатени 125.960 денари.

Информира дека зголемена плата за 78 отсто им се исплаќа на 1. 060 функционери и дека за таа намена до крајот на годинава од буџетот ќе се потрошат дополнителни 960 милиони денари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.