Општина Штип ќе вработи 30 лица со ниски квалификации. Тие ќе бидат вклучени во проекти од инфраструктурен карактер и заштита на животната средина на локално ниво.
Вработувањата ќе се реализираат преку Програмата „Јавни работи преку ангажирање на евидентирани невработени лица со ниски квалификации“.
Со оваа мерка е предвидено да бидат ангажирани лица со ниски квалификации во временски период од 22 работни дена, со што дневниот надоместок ќе изнесува 600 денари, од кои Општината е обврзана да учествува со кофинансирање од 20 отсто, а останатите средства ќе бидат исплатени од страна на Агенцијата за вработување, вели Вања Џамбазова Николовска од Одделението за јавни работи при Општина Штип.
Во рамки на финансиската поддршка во износ од 600 денари по работно ангажирано лице вклучен е и данок на личен доход, како и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето од повреда на работа и професионална болест. Средствата до локалната самоуправа ќе се трансферираат по истекот на работното ангажирање на лицата.
Вкупниот буџет за ангажирање 30 лица за мерката „јавни работи“ изнесува 396.000 денари, од кои со 79.200 треба да учествува Општината, а Центарот за вработување – Штип, односно Агенцијата за вработување со 316.800 денари, рече Џамбазова Николовска.
Условите, правата и обврските ќе бидат уредени со склучување договор помеѓу Локалната самоуправа, Агенцијата за вработување и невработените лица. За работен ангажман интерес може да покажат и корисници на социјална помош, бидејќи со истиот нема да им се скрати правото на социјална помош. Мерката „јавни работи“ и претходно се спроведувала во рамки на Програмата за социјална, детска и здравствена заштита, не само во Штип, туку и во останатите Општини од државата. Разликата е во тоа што финансискиот надоместок годинава е зголемен за 200 денари, од 400 на 600 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.