Истекува времената владина антикризна мерка со која во период од три месеци беа намалени ценитена горивата, акцизите и ДДВ-то. Од полноќ, доколку не се продолжи ваквата мерка, цените на дериватите би можеле драматично да рипнат. Владата денеска ќе одржи седница, но неизвесно е дали ова ќе биде една од точките за коишто ќе расправаат министрите. Опозицијата предлага законски измени со кои прехранбените производи би се ослободиле од ДДВ, а ДДВ за течните горива да биде 5 отсто до крајот на годината.
Собранието во март го усвои дополнувањето на Законот за акцизите, со кое се предложи да се пресметува дополнително намалување на акцизата кај безоловниот бензин, гасното масло како погонско гориво и гасното масло како гориво за греење во зависност од движењето, односно од висината на зголемувањето на цената на овие енергенти на светските берзи.
Станува збор за само една од 26-те мерки за заштита на животниот стандард и ликвидноста на компаниите, за заштита на животниот стандард како и мерките за финансиска поддршка на деловните субјекти, коишто беа донесени во март годинава. Владата одлучи да ги намали горивата, акцизите и ДДВ-то. Цената на дизел горивото наместо 85,5 денари, колку што изнесуваше во март, тогаш се намали за 10,5 денари, додека бензинот наместо 91,5 денари се намали околу 11,5 денари.
Овие намалувања на цените на бензините и другите нафтени деривати произлегоа од мерката за намалување на стапката на ДДВ од 18% на 10% при промет на енергенсите: дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан, како и од мерката за намалување на акцизата врз основа на берзанските цени.
Со намаленото ДДВ за нафтените деривати практично се намали цената на енергенсите за граѓаните, со што целта беше да се заштити животниот стандард од една страна, а од друга страна да се зголеми ликвидноста и солвентноста на компаниите. Со намалувањето на акцизите се очекуваше да се заштити и куповната моќ на потрошувачите со директно влијание врз малопродажната цена на овие енергенси. Дополнително, со мерката за ослободување од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување, се ослободија увозниците на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување, од плаќање на данок на додадена вредност при увоз на овие добра, со што се овозможи подобрување на ликвидноста и профитабилноста на компаниите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.