Соодветното ниво на девизните резерви овозможува доволен простор за обезбедување доволна девизна ликвидност на домашната економија, а денарот и финансискиот систем ќе останат стабилни. Министерството за финансии и Народната банка (НБ) будно ги следат состојбите, при што навремено се разменуваат информациите и ќе се реагира соодветно на случувањата, секој во рамки на надлежностите на својот мандат.
Ова беше посочено на денешната средба помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии Фатмир Бесими, на која стана збор за актуелните меѓународни случувања, ефектите врз глобалната економија, како и очекувањата за македонската економија од руско-украинскиот конфликт.
Монетарните и фискалните власти, како што порачуваат од НБ, се координираат и внимателно ги следат меѓународните случувања и нивните потенцијални ефекти врз домашната економија и подготвени се соодветно да ги прилагодуваат политиките.
На денешната средба, информираат од НБ, беше посочено дека светот се соочува со уште еден нов глобален предизвик по пандемијата. Почетокот на руско-украинската војна имаше ефект врз глобалните пазари и инвеститорите. Цените на примарните производи, храната и енергенсите пораснаа, додека цените на акциите се намалија, што е очекувано однесување кај инвеститорите во вакви случаи. Ова ќе повлијае и на процесот на опоравување на глобалните синџири, со оглед на улогата на Русија и Украина во нив, како едни од најголемите производители на енергенси и жито.
Директната изложеност на нашата економија кон овие две економии е многу мала. Тие не се присутни во финансискиот сектор, а странските директни инвестиции и дознаките кои доаѓаат оттаму, имаат учество под 1 отсто во вкупните вредности. Но, со оглед на учеството на Русија и Украина во понудата на глобалните пазари на суровини, очекувани се индиректни ефекти преку цените на примарните производи. Дополнително, доколку овие состојби се одразат на растот на европската економија, можно е влијание и врз инвестициите – домашни и странски, а со тоа и влијание врз економската активност, порачуваат од НБ.
На средбата, додаваат, беше истакнато дека просторот за ублажување на потенцијалните ефекти преку политиките е адекватен, а стабилноста на финансискиот систем е исто така поддршка на отпорноста на економијата. Изминатите години се креирани соодветни заштитни механизми во финансискиот систем, што ќе овозможи негово непречено функционирање и натамошна кредитна поддршка на економската активност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.