Владата по вчерашната седница соопшти дека од декември ќе има поевтина струја за производителите на храна, училиштата и јавните претпријатија за водоснабдување преку склучување на директни договори со ЕСМ Производство.
Ќе се ублажува ударот од енергетската криза со 80 евра за мегават час за компаниите кои произведуваат брашно, леб, масло, млеко и месни производи. Министерот за економија Крешни Бектеши рече дека се работи за околу 200 компании.
Нешто поскапа струја од 95 евра за мегават час ќе добиваат основните и средните училишта, како и јавните претпријатија за водни услуги.
Покрај оваа помош, Владата им забрани на општините и Градот Скопје да основаат претпријатија за јавно осветлување.
Ќе обезбедиме поевтина струја од 80 евра по мегават/час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи.
Владината одлука се однесува на компаниите кои што произведуваат основни прехранбени производи во кои спаѓаат производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија.
Со овие мерки компаниите, производителите на основни прехранбени производи ќе имаат предвидливост, стабилна и поевтина струја, што крајно ќе влијае и врз стабилизирање на цените на финалните производи кои се произведуваат и се продаваат од овие компании“, истакна премиерот Димитар Ковачевски со предвидување дека од старт со оваа мерка ќе поевтинат за 10 отсто прехрамбените продукти.
Договори со ЕСМ ќе можат да склучат и основните и средните јавни училишта, како и јавните претпријатија од областа на водоснабдување и одведување на отпадни води кои работат со пумпни и пречистителни станици, кои одамна се жалат на големите натрупани долгови а некои од нив ги раскинуваа договорите со снабдувачите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.