Хрватскиот национален превозник „Кроација ерлајнс“ ќе воведе нова сезонска авиолинија на релација Скопје – Сплит, од 12 мај годинава, информира „ТАВ Македонија“, откако авиокомпанијата ги закажа летовите меѓу Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот во Сплит.

Авиокомпанијата ќе лета меѓу македонскиот главен град и туристичкиот центар на Далмација во текот на летната сезона, од 12 мај до 14 октомври 2023 година.

Во овој период, „Кроација ерлајнс“ ќе сообраќа со воздухоплов Даш 8-Кју-400, со капацитет од 76 седишта, два пати неделно, секој вторник и петок. Времето на пристигнување во Скопје ќе биде во 23:25 часот во вторник и во 23:00 часот во петок, додека времето на полетување ќе биде во 5:45 часот, и во среда и во сабота. Времетраењето на летот меѓу Скопје и Сплит е околу 1 час и 25 минути, известуваат од ТАВ Македонија.

За да го означи воведувањето на новата сезонска авиолинија Скопје – Сплит, „Кроација ерлајнс“ ќе им понуди на патниците 15 отсто попуст за купување авионски карти во периодот меѓу 15 и 21 март и за билетите во една насока и за повратните билети.

Промотивниот попуст ќе биде достапен на сите продажни места на „Кроација ерлајнс“, вклучително и за онлајн купување преку веб-страницата на компанијата (www.croatiaairlines.com) и преку мобилната апликација со внесување на промотивниот код SKOPJE15, како и на шалтерот на авиокомпанијата на Меѓународниот аеродром „Скопје“, соопштуваат од „ТАВ Македонија“.

Оттаму појаснуваат дека попустот се однесува на основната цена, додека аеродромските такси и другите надоместоци остануваат исти и се плаќаат во целост.

Сплит ќе биде втората дестинација во Хрватска со која ќе биде поврзан Меѓународниот аеродром „Скопје“. Хрватската национална авиокомпанија лета на релација Скопје – Загреб секој ден.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.