Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши, остварија заедничка посета на фабриката за производство на масло за јадење Кристал од Велес. При посетата двајцата министри остварија средба со менаџерскиот тим на која разговараа за предизвиците со кои се соочува државата

Владата за време на целиот овој период додека трае кризата одговорно постапува и носи одлуки за да ги заштити граѓаните, посочи министерот Николовски. Мерките кои се носат имаат една цел, одржување и зголемување на домашното производство на стратешки култури.

Ги помагаме земјоделците давајќи им субвенции, дополнително ги мотивираме за зголемување на приносот и даваме поддршка за зелена нафта. Оваа поддршка директно доаѓа од буџетот на сите граѓани и токму затоа бараме домашно производство на сончоглед, но и секоја друга стратешка култура, да заврши во нашите домашни производствени капацитети. Токму затоа носиме и нова дополнителна измена во програмата за финансиска поддршка за производителите на сончоглед, која сакам од тука да ја најавам. Секој производител на сончоглед за остварување на субвенциите како доказ ќе мора да приложи потврда за предадено и откупено производство во домашните преработувачки капацитети на сончоглед. Со оваа мерка го зајакнуваме планираното годишно производство помеѓу земјоделците одгледувачи на сончоглед и преработувачите, а воедно го поттикнуваме договорното производство кое како модел треба да е се повеќе присутен во земјоделското производство,изјави министерот Николовски.

Донесен е и Национален план за производство на храна, каде во фокусот се стратешките култури, како пченица, пченка, јачмен и сончоглед. Преку Интервентниот фонд се обезбедени 400 милиони денари директна помош за земјоделците. Со овие мерки земјоделците добиваат 40% дополнителна помош за набавка на вештачко ѓубриво за пченка и пченица, како и 2.500 денари по хектар за сончоглед и јачмен. Дополнително со скоро 100 евра од хектар, ги мотивираме земјоделците да го зголемат приносот за стратешките култури.

Во функција е и посебниот модул за аплицирање кои предвидува рок за исплата од 7 дена по поднесувањето на барањето. Преку јавен оглас на располагање ставаме дополнителни 5.722 хектари слободно земјоделско земјиште за обработка со стратешки култури во 14 региони низ државата.

Храна и житни култури мора да има. Како министерство правиме се да обезбедиме стабилно домашно производство. Тоа е наша обврска и истата ја исполнуваме.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.