Вкупно 8,8 милиони евра ќе изнесува финансиската поддршка на последниот ИПАРД 2 повик што ќе биде објавен утре. Крајниот рок за поднесување на барањата е 18 септември 2023 година, а инвестициите што ќе бидат одобрени, мора да се реализираат до 31 мај. Барањето за исплата треба да се достави до 30 јуни, а потоа Платежната агенција во рок од шест месеци (до крајот на годината) има обврска да ги исплати средствата.

Како што рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на средба со новинарите, целта е максимално искористување на ИПАРД 2, „до последно евро“.

Засега се склучени 2 369 договори, што е повеќе од вкупниот број на договори во Србија, Албанија и Црна Гора заедно.

Овој последен повик го објавуваме со цел овие 8,8 милиони евра, како последни пари од ИПАРД 2, да бидат инвестирани дома со што, во буквална смисла, ниту еден денар нема да вратиме назад, за разлика од ИПАРД 1 кога 60 милиони евра беа вратени кон ЕУ. На овој начин, вкупната реализираност на ИПАРД Програмата би достигнала 100 проценти, што би било уште еден успех за државата. Успехот е за восхит, не само зашто сите пари ги искористуваме, насочувајќи ги во инвестиции на домашни компании, туку направивме и рекорд во регионот. Со последниот повик бројката на договори би се зголемила и рекордот би се потврдил – истакна Николовски.

ИПАРД 2 повикот ќе се однесува на мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рубни производи. Новите инвестиции би биле за млеко и млечни производи, месо и преработки од месо, вклучувајќи јајца и живина, овошје и зеленчук, житарки, мелнички и растителни производи, масла и животински масти,…, а финансиската поддршка е 75 отсто од ИПАРД и 25 проценти од државниот буџет. Финансиските средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна помош (грант) во иснос од 50 отсто од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите.

Во јавниот повик не се прифатливи инвестиции во градежни работи. Повикот е исклучиво наменет за набавка на опрема за преработки. Во однос на инвестициите поврзани со производство на енергија од обновливи извори, единствено прифатливи се инвестиции за набавка и инсталирање опрема за производство на енергија за сопствени потреби.

Сите македонски компании од агросекторот треба да се потрудат да подготват добри, издржани апликации. Во оваа насока, министерството ќе организира неколку состаноци овој месец со сите потенцијални апликанти – најави Николовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.