Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска, заедно со извршниот директор на ЦЕС, д-р Карл Филип Хигин, го потпиша Договорот за имплементација на четирите системи за наводнување по долината на реката Вардар како дел од Програмата за наводнување на Македонија. Историски проект во водоснабдувањето вреден над 100 милиони евра, кој обезбедува наводнување на нови 13.650 хектари земјоделско земјиште.

Во продолжение ја пренесуваме интегралната изјава на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Наводнувањето на земјоделското земјиште е главниот основ за квалитетно домашно земјоделство. Нема квалитетен род, без наводнување. Токму затоа наводнувањето е еден од клучните сектори во рамките на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Како министерство и Влада, постојано сите овие години, посветено работиме во модернизирање на националниот систем за наводнување на земјоделското земјиште. Градејќи нови и реконструирајќи ги постојните системи за наводнување на земјоделското земјиште.

Чест ми е што денес имам можност да потпишеме нов договор за консултантски услуги, преку кој започнуваме со реализација на нови четири значајни капитални инвестиции во водоснабдувањето, обезбедувајќи сигурно наводнување за нови 13.650 хектари земјоделско земјиште.

Важна и историски, до сега, најголема капитална инвестиција во водоснабдувањето вредна над 100 милиони евра.  

Овие четири системи за наводнување се дел од Програмата за наводнување на Македонија и се протегаат по сливот на реката Вардар.

Станува збор за Хидросистем „Лисиче“, систем кој ги опфаќа земјоделците од општините Велес и Чашка и би обезбедил наводнување за 3.650 хектари земјоделско земјиште.

Потоа Хидросистем „Пепелиште“, кој ги опфаќа земјоделците од општните Неготино и Демир Капија, со наводнување на површини од 3.000 хектари.

Третиот важен проект е Хидросистем „Страиште“, кој ја опфаќа општина Валандово наводнувајќи земјоделска површина од 1.500 хектари.

Четвртиот проект е Хидросистем „Конско“ кој опфаќа наводнување на 5.500 хекатари земјоделско земјиште од општините Гевгелија, Богданци и Дојран.

Вредноста на договорот кој денес го потпишуваме изнесува 9,1 милиони евра и опфаќа подготовка на главни проекти за изградба на четирите проекти, подготовка на документација и распишување на постапка за изградба, надзор и имплементација на подготвените проекти за изградба на проектите.

За сите овие четири проекти веќе се изработени посебни Физибилити студии и Проценка на еколошкото и социјалното влијание со што изводливоста и одржливоста на истите е потврдена.

Согласно истражувањата за изводливост и одржливост, претпоставениот буџет за Консултантот за имплементација на овие четири капитални проекти изнесува 1,73 милиони евра за хидро-системот „Страиште“, 3,5 милиони евра за хидро-системот „Лисиче“, 1,92 милиони евра за хидро-системот „Пепелиште“ и 4,0 милиони евра за хидро-системот „Конско“.

За реализација на овие проетки подготвен и усвоен од Владата е Акциски план за спроведување на Програмата за наводнување на Македонија. Со овој план се предвидуваат сите активности за проектирање, подготовка на документацијата и изградбата на сите четири системи за наводнување да бидат завршени во рок од 60 месеци од денот на вовеведувањето во работа на консултантот за имплементацијата, со гарантен период од 12 месеци.

Реализацијата на овој договор ја вршиме со средства од замот кај Кредитната банка за обнова – КФВ од Сојузна Република Германија и средства од националниот буџет, наменет за финансирање на Програмата за наводнување на Македонија.

Модернизацијата и вложувањето во квалитетни системи за наводнување, е еден од петте главни приоритети во нашата работа како министерство. Обезбедуваме наводнување и ја ставаме во функција за производство на храна секоја земјоделска површина. Директно помагајќи ги земјоделците, обезбедувајќи богат и квалитетен род домашна македонска храна.

Честитам за потпишувањето на овој важен договор и посакувам успешна негова реализација.“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.