Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, гостуваше во централниот дневник на ТВ Сител, каде што ги презентираше најновите информации за железничките и патните инфраструктурни проекти. Николоски го истакна значењето на транспарентноста и стратешкиот пристап во решавањето на клучните прашања поврзани со пругите, коридорите и автопатите.

Николоски наведе дека во постојниот договор, требало проектот да биде завршен за 5 години, но бил убеден дека немало да се реализира ни за 15 години. Сега, навистина 5 години ќе значат 5 години.

На прашањето за состојбата со пругата кон Бугарија, Николоски објасни дека е постигнато договорено решение за заедничка работа на тунелот, нешто што претходно не било јасно дефинирано.

Влеговме домаќински во работата. Наместо да потпишам тендер без анализа, одлучив да дејствуваме одговорно. Како може 24 километри пруга да чинат 450 милиони евра, а вкупно со електрификација 560 милиони евра? Како е можно тунел без геотехнички истражувања и без планови да доведе до уривање на 20 куќи во Крива Паланка?“ запраша Николоски.

Министерот објасни дека постигнал важни договори:

Тунелот ќе се гради заеднички и ќе се ревидира проектот од македонска страна за неговата изводливост и цена.

Бугарија прифати да го гради својот дел од пругата.

Рокот за завршување е пет години, што спречува долгорочно одложување.

Во врска со Коридор 10, Николоски истакна дека проектот е од врвен приоритет.

Железничкото поврзување преку Солунско пристаниште не е мое барање, туку реална потреба на бизнисот и земјата. Таму работиме многу интензивно, во железничкиот дел нема споредба меѓу двата коридори, претседателот на сојузот на стопански комори сам рече дека бараме излез на Солунско пристаниште, не затоа што Николоски така кажал, туку тоа се потребите на бизнисот и земјата. Ќе има реконструкција на постојната пруга и изградба на нова, во јануари месец чеќе има конкретни работи кои ќе ги презентирам

За патниот дел, најави пуштање во употреба на експресниот пат од Куманово до границата со Бугарија до крајот на годината. Со ова, времето за патување од Скопје до границата ќе се намали на околу еден час и 15 минути.

Во делот на патно поврзување, до нова година ќе го пуштиме експресниот пат од Куманово до гранцица со Бугарија, што значи дека од Скопје до граница со Бугарија, ќе се патува што по автопат, што по експресен пат и некаде ќе се стига за час и 10, час и 15 минути, пријатно возење што многу го крати патувањето.

Николоски изрази разочараност од бавниот напредок на Бугарија во однос на инфраструктурните проекти.

Од македонска страна се прават значителни напори, но Бугарија треба да го подобри својот дел од патната мрежа, пат кој стои до 70ти години од минатиот век. Исто така, очекуваме развој на граничниот премин Клепало, кој е обраснат со шума, а може да работиме и на  заедничко автопатско решение од Смоквица., Валандово, Струмица, Ново Село, граница со Бугарија, Петрич и да се врзува на автопатот Струма во Бугарија, како трето поврзување што може да го работиме“, истакна Николоски.

Министерот Николоски ја нагласи посветеноста на Владата за подобрување на инфраструктурата, поставувајќи нови стандарди за транспарентност и ефикасност. Тој потенцираше дека, и покрај предизвиците, проектите за железничко и патно поврзување со Бугарија, како и автопатот Охрид-Кичево, ќе бидат реализирани во предвидените рокови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.